Во муралот на Борко Лазески, долг 45 метри, младите интелектуалци ја откриваа традицијата на македонскиот фрескоживопис

Во муралот на Борко Лазески, долг 45 метри, младите интелектуалци ја откриваа традицијата на македонскиот фрескоживопис

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Околу 60 експонати - оригинални дела од помал формат и фотографии од монументалните дела на Лазески, еден од доајените на македонската современа ликовна уметност, вечерва во 19 часот ќе бидат поставени во Даут-пашиниот амам, во Старата скопска чаршија


Скица за монументалната „Фреска за НОБ“

Бев сведок кога Борко Лазески ја довршуваше и ја постави монументалната „Фреска за НОБ“ на 225 квадратни метри, во холот на старата Скопска железничка станица. Исклучителен миг во македонската ликовна уметност. Во облиците на тој мурал, долг 45 метри, со над сто човечки фигури, младите интелектуалци ја откриваа традицијата на македонскиот фрескоживопис, влијанијата од светската монументалистичка традиција, од уметноста на Вилијам Блејк или мексиканските муралисти... По откривањето на оваа голема фреска пред македонската јавност, веќе ништо не беше исто. Кога денес ги споредуваме тие високи мигови на македонската уметност со бедните кич-ветошини од последните години, во облик на јавни споменици, сфаќаме колку скапоцено време сме изгубиле и колку во еден миг сме биле многу, многу поблиску до Европа и до светот.


Изложбата ќе биде отворена до 5 април

Со овие зборови академикот Влада Урошевиќ во Македонската академија на науките и уметностите пред неколку дена пластично ја објасни големината на Борко Лазески и неговото место во македонската современа уметност. Околу 60 експонати - оригинални дела од помал формат и фотографии од монументалните дела на Лазески, еден од доајените на македонската современа ликовна уметност, вечерва во 19 часот ќе бидат поставени во Даут-пашиниот амам, во Старата скопска чаршија. Со изложбата, Националната галерија на Македонија ќе го почне одбележувањето на 70-годишнината од основањето. Преку комплексни манифестации ќе се одбележат многу моменти од постоењето на институцијата, чиј прв (в.д.) директор бил токму Борко Лазески. Институцијата основана како Уметничка галерија „Скопје“ пред повеќе од една деценија беше преименувана во Национална галерија на Македонија. Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, кустос во галеријата.


Борко Лазески, првиот (в.д.) директор на Уметничката галерија „Скопје“

Одбележувањето почна порано неделава со промоција на монографијата „Борко Лазески 1917-1993“ во Македонската академија на науките и уметностите. Покрај Чанкуловска-Михајловска, во изданието има текстови од Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија, Соња Абаџиева и Лазо Плавевски. Тие го претставија изданието на 160 страници на македонски и на англиски јазик, илустрирано со 130 фотографии. Во книгата се претставени најзначајните дела на Лазески, неговиот живот и творештвото. Со монографијата и изложбата се одбележуваат и 100 години од раѓањето на Лазески (1917-1993).


Кураторот Маја Чанкуловска-Михајловска на промоцијата на монографијата во МАНУ

Борко Лазески се смета за најпознатиот македонски монументалист и втемелувач на витражот во Македонија. Роден е во Прилеп во 1917 година, во семејство на бојаџии-декоратери. Уште за време на гимназиските денови во родниот Прилеп неговиот сликарски талент го забележал сликарот Велебит Рендиќ. Под негови инструкции Лазески почнал да слика и да ваја и да се подготвува за Уметничката школа во Белград. Се запишал во 1933 година, кај професорите Љуба Ивановиќ, Никола Бешевиќ и Симеон Роксандиќ.


Дело од Лазески

Од 1935 до 1941 година се вклучил во прогресивното движење во Белград и во Прилеп и станува кандидат за член на групата „Живот“. Тој е еден од основачите на Друштвото на ликовните уметници во Прилеп. По завршувањето на уметничката школа во Белград, во 1937 година се запишал на Ликовната академија во Белград. Кога почнала војната, ги прекинал студиите во Белград и се префрлил на Државната ликовна академија во Софија. Таму дипломирал во 1943 година. По враќањето во Прилеп, во 1944 година, активно се вклучува во НОВ. Во 1944/45 година активно учествува во формирањето на Друштвото на ликовните уметници на Македонија и на Уметничката школа во Скопје, каде што е и еден од професорите на новоформираната Уметничка школа.


Витраж од Лазески

Како стипендист на француската влада, во 1946 година заминал во Париз, каде што специјализирал сликарство и мозаик на витраж кај Момежан и современо сликарство кај Андре Лот. Тој е еден од основачите и в.д. директор на Уметничката галерија „Скопје“ во 1948 година. Во 1951 година почнува да работи на своето најпознато монументално дело „Фреската за НОБ“ за Старата железничка станица во Скопје. Монументалното дело го завршил во 1956 година. Седум години подоцна, фреската била уништена во катастрофалниот скопски земјотрес. Бил професор на Педагошката академија во Скопје и на Академија за ликовни уметности во Белград. Реализирал повеќе студиски престои во: Италија, Грција, Австрија, Германија, Јордан, Турција, Сирија, Либан, Египет, Ирак, Авганистан, Пакистан и Индија, исто и во СССР, Узбекистан, Ерменија и Грузија. Добитник е на многубројни награди и признанија за своето творештво, меѓу кои и Октомвриската награда на СР Македонија за животно дело во 1987 година.