Совети од Стив Џобс како да го добиете тоа што го посакувате

Совети од Стив Џобс како да го добиете тоа што го посакувате

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

jobs
Фото: Ilustracija

Стив Џобс зад себе остави две успешни компании - „Епл“ и „Пиксар“, но до успехот не дошол постојано придржувајќи се кон правилата.

Како и повеќето претприемачи, Стив Џобс морал да совлада еден куп препреки за „Епл“ и „Пиксар“ да ги претвори во успешни компании. Бил вешт во уверување и наговарање на другите луѓе, како и во користење низа тактики и манипулации. Еве кои се неговите совети за постигнување на она што сте го замислиле.

1. Луѓето паѓаат на силно изразени емоции


Џобс бил уметник за презентирање. Истакнатиот трубач Винтон Марсалис вели дека Џобс два часа опседнато го наговарал на поддршка на сервисот „Ајтунс“. Истиот пристап го користел и кога одделот за реклами на „Епл“ работел на нови реклами.

2. Бидете брутално искрени

Кога Џобс се вратил во „Епл“ во 1997 година, го собрал врвот на компанијата и облечен во кратки панталони ги запрашал што не им се допаѓа во компанијата во која бил коосновач. По неколку половични одговори, ги прекинал и им рекол дека проблемот е во производите бидејќи „во нив повеќе нема секс“.

Бил познат по тоа што в лице го кажува тоа што го мисли, иако често тоа било непријатно. Бруталната искреност била негово мото и начин на работа.

3. Работете напорно и луѓето ќе ве почитуваат

Според неговата биографија, напишана од Волтер Исаксон, по враќањето во „Епл“ кон крајот на 90-тите години, Џобс работел од седум часот наутро до 21 часот секој ден, бидејќи паралелно ја водел и компанијата „Пиксар“. Инсистирал во двете компании да биде лидер за да може да бара поголема посветеност од самите вработени.

4. Разоружете ги луѓето со шарм и ласкање


Луѓето постојано бараат одобрение за своите постапки и добро реагираат на позитивни коментари. Ако редовно им делите комплименти, ќе почнат да им недостигаат по некое време. Џобс знаел како да се однесува дури и со искусните вработени со кои не се согласувал.

5. Лесно се манипулира со спомените

Џобс не бил секојпат во право, но знаел мајсторски да ги увери другите дека е. Како? Цврсто се држел за една позиција. Доколку се покажело дека туѓата е подобра, тој ја преземал како негова пред соговорителот да сфати што се случува.

6. Брзо и лесно донесување на одлуките


При изработка на новите производи во „Епл“, вработените ретко се потпирале на истражувањата на пазарот и ретко ја одолжувале одлуката. На Џобс за брзо време му се здосадувало, па често се потпирал на сопствениот инстинкт. На пример, така првите ајмек компјутери станале разнобојни и останале без цеде. Тоа се покажало како лоша процена, па цедињата биле вратени во втората генерација.

7. Решавајте ги проблемите веднаш

Џобс одбил компанијата „Дизни“, која се смета за една од најголемите во индустријата на забавата, да се меша во филмот „Приказна за играчките“, првото долгометражно издание изработено во 3Д-анимација - меѓу другото, и ова бил клучен фактор што филмот станал мегауспешен.

Од друга страна, го послушал Рон Џонсон кога му кажал дека треба да се реорганизираат продавниците на „Епл“, па така тие биле насочени кон она што би можеле луѓето да го прават со нивните производи. Поради тоа, продавниците биле отворени со четири месеци задоцнување, но денес се меѓу најуспешните во светот.

Џобс не сакал премногу сложени проблеми, особено ако го присилувале на отстапки. Затоа, ситуациите и луѓето што го ставале во ваква позиција едноставно ги игнорирал.

8. Железото се кове додека е жешко

Штом „Приказна за играчките“ станал меѓународно успешен филм, Џобс се одлучил компанијата „Пиксар“ да ја изнесе на пазарот на капитал. Инсистирал на тоа и покрај отпорот на инвестициските банкари и директори во „Пиксар“, бидејќи сакал подобра позиција во преговорите со „Дизни“.

Планот успеал. Јавната понуда на акции била одржана една недела по премиерата на „Приказна за играчките“ и го засенила „Ај-пи-о Нетскејп“. Во „Дизни“ се нашле во ситуација „Пиксар“ да им е потребен, па скапо го платиле (7,4 милијарди долари) и со тоа Џобс го претвориле во еден од најголемите акционери.

9. Кога имате алатка, употребете ја

Враќањето на Џобс во „Епл“ била одлична вест. Иако тврдел дека е само советник, сите знаеле дека компанијата е во негови раце. Веднаш повикал состанок со одборот и барал промена на цената на опциите на акциите за да ги направи повредни и да ги зачува клучните луѓе.

Тогаш тоа бил легален, но етички матен деловен потег. Кога го предупредиле дека истражувањето за изведливоста би траело најмалку два месеца, се заканил дека ќе си отиде. Уште наредниот ден побарал оставки од сите членови на одборот. Со тоа, добил шанса да постави нови членови на одборот и да дејствува независно од него.

10. Не прифаќајте помалку од совршеното


Џобс не ги сакал луѓето подготвени на компромиси за производот да биде испорачан навреме и во рамките на предвидените трошоци. Нему не му било доволно да ја победи конкуренцијата и да заработи: тој сакал да го создаде најдобриот производ.

Затоа ги малтретирал инженерите кога „Мекинтош“ стартувал бавно, соработувал со голем број уметници и огласувачки агенции за рекламите на „Епл“... Секоја од тие индивидуални одлуки можеби била ситничава, но затоа „Епл“ денес е доминантен гигант со верни следбеници какви што нема ниедна друга технолошка компанија.