Не сте го решиле проблемот со приватноста бришејќи го профилот на „Фејсбук“

Не сте го решиле проблемот со приватноста бришејќи го профилот на „Фејсбук“

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Илустрација: смартфон, знамето на ЕУ и катанче за заштита
(Фото: Thinkstock)


По најновата афера со „Фејсбук“ многу корисници посегнаа по бришење на своите профили на оваа социјална мрежа.

Но, стручните лица за безбедност истакнуваат дека со тоа нема да ги заштитат своите лични податоци, нити ќе побегнат од „Фејсбук“. Имено, „Фејсбук“ следи речиси 30 проценти од светскиот интернет-сообраќај, во кој спаѓаат и оние што не се корисници на оваа социјална мрежа.

Од друга страна, „Гугл“ преку различни сервиси следи неверојатни 64 проценти од интернет-сообраќајот во светот. Тука спаѓаат секој клик, секое пребарување, секоја отворена страница на интернет.

Дали и покрај гореспоменатото верувате дека можете да ги заштитите своите лични податоци? Некои компании ја препознале основната човекова потреба да ја скријат својата активност на интернет при сурфањето и им нудат алтернативи.

Многубројни приватни пребарувачи, како Cliqz, Tor, блокирачи на огласи и следење, се обидуваат да ги заштитат корисниците од љубопитните погледи.

Проблемот е што корисниците најчесто избираат полесен наместо посигурен начин за прегледување на интернет. Доволно е само да се погледне колку корисници ги користеле своето корисничко име и лозинката од „Фејсбук“ за да се пријават на различни страници и сервиси.

„Сите треба да бидеме вознемирени, но никој не смее да биде изненаден. Секој што има некакви податоци, во одреден момент ќе ги загуби“, истакнал за „Ројтерс“ шефот на Cliqz, Марк Ал-Хејмс.

ГДПР ги менува нештата

Како приватна компанија, досега „Фејсбук“ сама одлучувала дали сака да ги извести корисниците за „протекување“ податоци. Но, со стапувањето во сила на ГДПР, тоа ќе биде законска обврска – барем што се однесува до податоците на жителите на Европската Унија.

„Фејсбук“ би можел да биде парично казнет со четири отсто од годишната заработка, што укажува дека ГДПР е веќе во сила. За „Фејсбук“, кој минатата година заработил неверојатни 40 милијарди долари, максималната казна би била околу 1,6 милијарда долари.

Но, поголемиот проблем за компаниите од типот на „Фејсбук“ е губењето на довербата од страна на корисниците. И конечно, корисниците се тие што доброволно му ги дале своите податоци на „Фејсбук“, кој, пак, им ги продава на огласувачките компании.

Оттука, губењето на довербата кај корисниците и угледот на компанијата на долгорочен план се многу поскапи. Особено во дигиталната доба, кога вестите се шират со брзина на светлината.

ГДПР сигурно ќе го промени начинот на кој се однесуваат компаниите кон личните податоци на Европејците затоа што ќе ги натера да го направат позабележлив моментот кога од корисниците ќе побараат да ги споделат своите лични податоци за нивни цели.