Дарко Каланоски, најдобар дипломец на Факултетот за физичко образование: Талентирани студенти бараат подобра иднина надвор од државава, во која приоритетите се погрешни и се гледа само личниот интерес

Дарко Каланоски, најдобар дипломец на Факултетот за физичко образование: Талентирани студенти бараат подобра иднина надвор од државава, во која приоритетите се погрешни и се гледа само личниот интерес

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Магистер по спортски менаџмент, 26-годишниот стружанец работи како фитнес-инструктор и персонален тренер


Дарко Каланоски

Со просек 9,75, стружанецот Дарко Каланоски беше прогласен за најдобар студент на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје, за студиската 2015/2016 година. Денес веќе е магистер по спортски менаџмент, титула со која се стекнал на ФФОСЗ, во соработка со Економскиот факултет, а магистерските студии ги завршил со просек 10. Работи како фитнес-инструктор и персонален тренер, како и обработка на режими за здрава исхрана за неговите клиенти.
По неколку години од студирањето, Каланоски искрено изјавува дека познавајќи го системот кај нас, „не би сакал да биде дел од образовни институции, училишта и факултети“.
- Можеби звучам малку негативно и скептично, но тоа е вистината: или ти требаат дебели врски да влезеш, или партиски да си определен, или цел живот на некого да му се умилкуваш и да му дозволуваш да те омаловажува само поради тоа што те „бутнал“ да влезеш на работната позиција и слично. Тоа е и, исто така, причината зошто нашите квалитетни кадри си заминуваат. Бараат место каде што ќе бидат мотивирани за работа, ќе бидат третирани нормално, каде што конкуренцијата е реална и секој нивни труд и успех е наградуван и ценет. Имало „празни“ муабети и ветувања од стилот „Запиши се на докторски студии и да видиме да влезеш прво како асистент“, но ништо сериозно и конкретно.



На темата заминување во странство, ниту Каланоски не е рамнодушен. Вели дека во мај ќе замине во Мајами, САД, на доусовршување, а веќе добил понуда да работи во Хаг, Холандија, каде што планира да замине во јули.
- Искрено, јас сонувам за ситуацијата во нашава држава да се смени бидејќи на овој начин никаде нема да отидеме. Сакам да бидам ценет и почитуван од мојата држава, да бидам поддржуван од мојата држава, мотивиран за поголеми успеси од мојата држава, но, за жал, тоа е и причината зошто многу млади и перспективни, талентирани студенти си заминуваат од овде и бараат подобра иднина надвор од нашата држава, во која приоритетите се насочени во погрешни насоки и се гледа само личниот интерес. Сонувам за подобра иднина во нашата држава, да, тоа можам да го кажам – вели Каланоски.
Со оглед на тоа дека неговата вокација подразбира здрав развој и физичка активност, го замоливме да сподели со нашите читатели како децата да имаат поздраво детство, со повеќе игра и помалку технологија.



- За жал, живееме во ера каде што смартфоните и технологијата се на врвно ниво. Искрено, денес не може да се замисли животот без смартфон, но, сепак, мислам дека денешните родители претеруваат. Осумгодишно дете не треба да има телефон, му го скратувате детството и не смее да му се дозволува да поминува долго време пред компјутер. Да, преку компјутерите учат и се запознаваат со нови нешта, но има и работи што им се достапни, а кои не треба да ги знаат на нивната возраст. Искрено, сето тоа треба да биде умерено, не смее да се претерува и мора да се разграничи од која возраст би требало да му биде дозволено да го користи нештото со цел да не му се скрати детството, да се изгради во комуникативна и социјална личност бидејќи тоа е голем проблем кај нашите деца, кои се повлечени и срамежливи во денешно време – вели Каланоски.

Тој додава дека со преголемото користење на технологијата се занемарува физичката активност, која е многу битна при нивниот раст и развој, правилното држење на телото, за подобро здравје и поголем имунитет.
- Затоа, им предлагам на сите родители да не им дозволуваат на своите деца да го поминуваат поголемиот дел од времето пред компјутер или телефон и да ги мотивираат да се активираат што е можно повеќе во активности и дружби со другарчињата преку разни игри кои вклучуваат физичка активност.