Младен Мицевски, еден од најдобрите студенти на УГД: Знаењето кое го стекнав веќе им го пренесувам на ученици

Младен Мицевски, еден од најдобрите студенти на УГД: Знаењето кое го стекнав веќе им го пренесувам на ученици

Младен Мицевски, студент на Факултетот за туризам и бизнис-логистика при УГД, неодамна доби пофалница од Универзитетот како студент со најголем просек. На патрониот празник на УГД, на свеченото доделување на дипломите, Младен беше поздравен од проректорот за настава како студент со просек 10.



Младен во текот на своето студирање беше еден од најактивните студенти, посети безброј настани од областа на туризмот и хотелиерството, освои награди заедно со своите колеги, а беше и меѓу главните организатори на меѓународни конференции и семинари. Благодарение на Факултетот за туризам и бизнис-логистика, тој посети голем број европски држави и се стекна со меѓународно искуство. Каков бил тој пат, дознајте од интервјуто со Младен Мицевски.

Студент со просек 10. Тешко ли беше да се стигне до овој просек во текот на твоите студии?


Јас не би го употребил зборот тешко за да го опишам постигнатиот просек затоа што кога учите и совладувате нешто што ве интересира и инспирира да навлегувате подлабоко, тоа ви причинува големо задоволство. Иако верувам дека низ сите одговори ова ќе преовладува, мора уште на почеток да споменам дека поврзувањето на теоријата со практиката беше една од најпресудните работи што придонесоа за, условно кажано, полесно одржување на просекот. Безусловно е точно дека посветеноста, редовното совладување на материјалот, редовното извршување на зададените обврски беа постулатот на овој процес. Но, големо влијание имаа и дополнителните истражувања, меѓународните соработки, посети, конференции, конгреси, веќе споменатите практични престои итн. Кога сите овие работи ќе се комбинираат, иако изискуваа многу посветено време, повторно доаѓам до тврдењето дека не можам да го искористам зборот тешко.

Ти го сфати студирањето малку поинаку. Беше целосно вклучен во многу активности и беше организатор на многу студентски настани. Што значи ова за тебе и за твојата кариера?

Можам слободно да потврдам дека студирањето ми беше и забавно. Причината за тоа се токму студентските настани. Сѐ започна на еден меѓународен натпревар, каде што заедно со неколку колеги победивме со студија на случај поврзана со организација на студентски настан (на кој, всушност, најголем дел од нашето тероетско знаење требаше да го имплементираме во реалноста). Тоа беа навистина возбудувачки моменти испреплетени со напор да се постигне баланс помеѓу обврските за студирањето и проектното менаџирање на меѓународен настан. Настаните продолжија и во другите години од моето студирање. Јас, искрено, ќе ја искористам оваа можност да им се заблагодарам на моите колеги кои целосно се посветија на овие настани и како изминуваат годините, гледам дека ја продолжуваат и надградуваат приказната. Тука неизбежно мора да му се заблагодарам и на наставничкиот кадар на Факултетот за туризам и бизнис-логистика, кој безусловно ни даваше поддршка, совети и насоки. Ќе кажам дека овие настани за мене значеа созревање, уочување и навлегување во процес во кој може само да се напредува и да се собираат искуства, пријателства и меѓународни соработки/вмрежувања во секој момент. Искуството што го носам од овие настани, верувам, ќе ми помогне во мојата кариера и не се знае, можеби некогаш ќе се насочам и професионално кон управување на настани. Иако, навистина напорно, но не тешко, овој начин на функционирање во текот на студиите направи студирањето да не ми е монотоно и површно.

Вработен ли си сега и како студирањето и активностите за време на студиите ти помагаат во кариерата?

Од неодамна работам во Средното општинско училиште „Митко Пенџуклиски“ во Кратово, каде што предавам стручни предмети во угостителско-туристичка струка. Навистина благородна работа во која имаш можност знаењата и искуствата да му ги пренесеш на некој кој го гледаш потенцијално поуспешен од себе во иднина. Студиите и сите активности во текот на студирањето, поддршката од наставничкиот кадар на ФТБЛ, колегите и компаниите во кои бев на практични обуки ми помогнаа и ми помагаат многу и моментално моја обврска, а пред сѐ желба, е истото да им го овозможам на моите ученици – идни угостителско-туристички професионалци.

Задоволен ли си од нивото на знаење што го доби на УГД и што е она што би можел да го издвоиш во тој процес?

Сметам дека од претходно одговорените прашања се гледа моето задоволство, така што ќе издвојам неколку фактори кои помогнаа, а тоа се: професорите, практичната работа, посетата на научни конгреси и конференции и отворената можност за мобилност на студентите. Имено, две лета бев на практична обука во хотелски комплекси во Германија, еден семестар на ЕРАЗМУС студентска мобилност за практична обука во Шпанија, неколку практични работи во Република Македонија и поголем број учества на меѓународни конгреси, конференции, работилници и саеми. Верувајте, на ваков начин студирањето навистина е задоволство и е полесно, а знаењето се продлабочува и проширува. Дополнително, ќе го издвојам и електронскиот систем на Универзитетот, кој навистина го олеснува студирањето.

Што би им препорачал на актуелните и на идните студенти што би сакале да бидат едни од најдобрите. Кој е начинот или формулата?

Посветеноста кон она што го изучуваат, редовното и правилно извршување на зададените обврски, дополнителното интересирање и истражување, активноста, практичната работа и искористувањето на можностите за меѓународно искуство се основата, јас би рекол, пред сѐ, за да бидат едни од најисполнетите студенти, а успехот последователно доаѓа. Но, да не заборават и да се дружат, да ја зголемуваат листата на познанства и соработки со луѓе од исти, сродни или, пак, сосема различни професии.



Кои ти се идните планови за образование или кариера?

Веќе го започнав вториот циклус на студии и се надевам дека и потоа ќе го продолжам образованието. Се надевам дека оштествено-економските состојби и движења во Македонија ќе се подобрат за да имаме успешни кариери тука и верувам дека и други како мене безусловно би се понудиле и би изразиле интерес за придонес кон подобрување на состојбата. Околу кариерата, мора да напоменам, навистина ми е интересна научноистражувачката работа, па очекувам дека и во тој правец ќе оди мојата кариера.