5.500 ученици во април и мај ќе го полагаат ПИСА-тестот

5.500 ученици во април и мај ќе го полагаат ПИСА-тестот

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Во примерокот се вклучени сите јавни средни училишта, две приватни и дел од основните училишта во нашата држава. Од секое училиште е избран примерок за тестирање, зависно од вкупниот број ученици по училиште – велат од Државниот испитен центар.


Фото: KolektifPress

Над 5.000 македонски ученици на петнаесетгодишна возраст, родени во 2002 година, кон крајот на април и почетокот на мај оваа година ќе го полагаат ПИСА-тестот, кој треба да покаже дали сме напреднале од последното тестирање во 2015 година, на кое имавме катастрофални резултати.
Од Државниот испитен центар (ДИЦ), институција која го спроведува тестирањето, велат дека тоа ќе се направи на репрезентативен примерок од 5.500 ученици родени во 2002 година.
- Во примерокот се вклучени сите јавни средни училишта, две приватни и дел од основните училишта во нашата држава. Од секое училиште е избран примерок за тестирање, зависно од вкупниот број ученици по училиште. Поголемиот дел од учениците се од средните училишта, а само 82 ученика се од основни училишта. Тестирањето ќе се реализира на македонски и на албански наставен јазик – велат од ДИЦ.

82 ученика се од основно училиште



Учениците не се тестираат во ист ден за да не се попречува наставата. Тестот се спроведува во секое училиште од каде што доаѓа ученикот и е во писмена форма.
Македонија е вклучена во ПИСА 2018 година, PISA (Programe for International Student Assessment), меѓународна студија која ги мери способностите и знаењата на учениците на возраст од 15 години. Тие се мерат во повеќе подрачја, како: оспособеност за читање со разбирање и критички пристап во читањето на пишани материјали; математичка писменост – читање, интерпретирање и решавање даден проблем со организирање и толкување дадени информации и избирање метод за решавање; писменост во природните науки – препознавање научни прашања, користење научни знаења, идентификување на содржината во научните истражувања и поврзување на научните податоци со докази и заклучоци.
Студијата ПИСА ја организира Организацијата за економска соработка и развој (Organization for Economic Cooperation and Development - OECD).

Не ни оди логичкото размислување

Со ова тестирање се проверува колку учениците се подготвени за живот по завршување на училиштето, а не само совладаноста на содржините што се предвидени со наставните програми.
Македонија досега учествуваше во два циклуса на мерење, и тоа во ПИСА 2000 и ПИСА 2015 година, кои покажаа дека на македонските ученици не им оди најдобро логичкото размислување. Во 2015 година Македонија беше рангирана меѓу последните земји, а зад нас беа само Косово, Алжир и Доминиканската Република. Според последната анализа, лошо стоиме по сите три предмети, а експерти постојано апелираат дека е време да се спроведат нови политики во образованието кои ќе ги подобрат резултатите на учениците. Постигнувањата на учениците по математика се намалија од 381 во 2000 година на 371 во 2015 година. По природни науки од 401 во 2000 на 384 во 2015 година.