„Фејсбук“ им вети на корисниците опција што досега ја имал само Марк Закерберг

„Фејсбук“ им вети на корисниците опција што досега ја имал само Марк Закерберг

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

фб
Фото: Facebook

Последните неколку недели „Фејсбук“ е поврзан со невидени скандали. Откако Марк Закерберг ја призна вината, како и фактот дека „Кембриџ аналитика“ ги искористила податоците на 87 милиони корисници на „Фејсбук“, во американските медиуми почна да се шири приказната за тајната опција што ја има Марк Закерберг.

Имено, тој засекогаш може да ги избрише пораките што му ги испраќа на соговорникот, така што оние што ги примиле пораките повеќе не може да ги гледаат.

Од „Фејсбук“ тоа го објасниле со тврдењето дека биле принудени да му ја овозможат оваа функција на Закерберг поради опасноста од хакирање.

По скандалот, „Фејсбук“ објави дека опцијата „unsend“ ќе им биде понудена и на другите корисници. Наскоро треба да почне имплементацијата и за неколку месеци се очекува да биде достапна за сите корисници.

Иако „Фејсбук“ веќе нуди опција за таен разговор во рамките на апликацијата „Месинџер“, при што испратените пораки сами се бришат во период што вие го одредувате, бришењето на пораките ќе биде достапно и во обичен разговор.

„Неколку пати разговаравме за оваа опција. Луѓето што ја користат нашата опција за тајни пораки во „Месинџер“ имаат можност сами да одредат кога ќе се избришат пораките. Сега ја шириме опцијата на бришење пораки, а за тоа ќе биде потребно некое време. Додека опцијата не почне да работи, нема да ги бришеме ниту пораките на извршните директори. Тоа требаше да го направиме порано, жал ни е што не го направивме“, изјавуваат од „Фејсбук“.