„Јутјуб“ за деца конечно ќе прикажува само детски содржини

„Јутјуб“ за деца конечно ќе прикажува само детски содржини

Подготвил: Б.Б.


„Јутјуб“ на смартфон
(Фото: Pixabay)


Родителите честопати се шокираат кога ќе забележат какви содржини гледаат нивните деца на „Јутјуб“ – наместо да уживаат во цртани филмови или во детски песнички, понекогаш предлозите на овој видеосервис се заменуваат со чудни, дури и агресивни видеозаписи кои не се соодветни за деца. Од „Јутјуб“ досега во неколку наврати се отстранети голем број такви видеа, а на повеќе од 50 илјади канали и многубројни видеозаписи со такви несоодветни содржини им оневозможиле и огласување.

Иако тоа делумно ја поправило ситуацијата, проблемот не е решен целосно, па и натаму заедно со детските песнички и цртани филмови на најпопуларниот видеосервис можат да се најдат содржини што не се соодветни за деца, затоа родителите наместо класичниот јутјуб-канал, го користат „Јутјуб кидс“, сервис што е наменет за најмладите и каде што не би требало да има никакви спорни содржини.

Но, неодамна е откриено дека меѓу предлозите освен детски видеа на „Јутјуб кидс“ се наоѓаат и содржини на кои не им е местото таму, како теории на заговор, видеа со тврдења дека Земјата е рамна плоча и дека со светот управуваат хибриди од луѓе и гуштери.

Ваквите информации ги шокирале родителите на кои и бездруго им е тешко да ги контролираат сите содржини што им се достапни на децата, па сметале дека нивните деца нема да се во контакт со несоодветни содржини барем на детскиот јутјуб-канал.

The Verge“ објави дека наскоро тоа би можело да се промени затоа што  „Гугл“ планира да ја претстави новата верзија на „Јутјуб кидс“ каде што содржините нема да ги предлага алгоритам, туку сите канали и видеозаписи ќе бидат прегледувани од страна на тим од луѓе што ќе даваат одобренија, односно ќе забрануваат прикажување на несоодветни содржини.

Од „Јутјуб“ сè уште нема службени информации за оваа  верзија на видеосервисот, кој е наменет за најмладите, но со оглед на досегашните проблеми и многубројни критики околу содржините што ги прикажува алгоритамот, многу веројатно е дека овие информации се точни и дека наскоро ќе можеме да ја очекуваме новата верзија на „Јутјуб“ која ќе биде приспособена на потребите на децата.