Филмови што имаат најголеми шанси да освојат „Оскар“ годинава

Филмови што имаат најголеми шанси да освојат „Оскар“ годинава

Подготвил: Тамара Гроздановски

Oд хорор, преку драма и музичка биографија до филмови за суперхерои и римејк на блокбастери. Се шушка за главните кандидати за престижната награда „Оскар“, чие доделување ќе се одржи на 24 февруари, а номинациите ќе бидат објавени на 22 јануари. Кои се фаворитите? Сведоци сме на неколку извонредни остварувања што ги наполнаа буџетите и кината. Но, изборот на критичарите често нема врска со оној на обичниот гледач, па така повеќето листи со фаворити се различни од очекувањата на мнозинството. Затоа, тргнуваме од листата со фаворити за најдобар филм според мислењето на повеќето критичари.

„Тивко место“



Дејствието на филмот се врти околу чудовиште кое ги убива луѓето ако ги слушне, и поради тоа е важно тие да останат тивки. Ако воопшто не ги слуша, ќе ги остави на мир, но штом ќе го направат и најмалиот звук, чудовиштата почнуваат со уништување. Филмот го режира актерот Џон Красински, во кој ја игра главната улога со неговата сопруга Емили Блант. Овој филм има најголеми шанси да добие награда во категориите поврзани со звучни ефекти.

„Ѕвездата е родена“


Стара ѕвезда ѝ помага на помлада да успее во музичката индустрија, додека меѓу нив се развива романса. Во верзијата на Бредли Купер, тој е рокерот Џексон Мејн кој со џин и апчиња се бори против демоните и се заљубува во Али (Лејди Гага), келнерка чии соништа се да стане кант-авторка, но ѝ рекле дека не може поради нејзиниот изглед. Овој филм досега беше номиниран  за секоја награда што се доделува во светот на кинематографијата. Еден од најголемите фаворити според критичарите, и тоа не само во категоријата за најдобар филм. Можни се номинации за најдобар актер и најдобра актерка, најдобар режисер, најдобра песна благодарение на песната „Shallow“, како и најдобар актер во споредна улога, одличниот Сем Елиот.

„Црниот пантер“ 



Сите добро го знаеме дејствието на „Црниот пантер“, нели? По смртта на неговиот татко, кралот на Ваканда се враќа дома, во изолирана и технички напредна африканска држава за да го наследи тронот и да го врати своето наследно право да биде крал. Но, кога стариот и моќен непријател повторно ќе се појави, Т'Чала ќе биде ставен на тест и вовлечен во конфликт што се заканува да ја уништи не само Ваканда, туку и целиот свет. Соочен со предавство и опасност, младиот крал ќе мора да ги собере своите сојузници и да ја ослободи целата сила на Црниот партнер за да ги одбрани своите луѓе и да го зачува нивниот начин на живот. Еден од убедливите фаворити на публиката. Блокбастер што може да изненади на доделувањето на „Оскарите“.

„Црн член на Кју-клукс клан“



Спајк Ли ни ја претставува неверојатната приказна за еден американски херој. Почетокот на 70-тите години на минатиот век бил период на големи социјални превирања и борба за граѓански права и еднаквост. Рон Стелворт станал првиот афроамерикански детектив во полицијата Колорадо Спрингс, но неговото доаѓање е пречекано со скептицизам и отворено нетрпение кон него. Без оглед на сѐ, тој е решен да успее во работата и да направи неговото име да се дознае и така да ѝ помогне на неговата заедница. Многу храбро влегува во ризична мисија, да се инфилтрира меѓу членовите на Кју клукс-клан. Филмот досега освои неколку награди и ја освои публиката кога првпат беше прикажан на Канскиот филмски фестивал. Сепак, освојувањето „Оскар“ за најдобар филм би бил преголем залак, но затоа филмот има големи шанси во другите категории.

„Бохемиска рапсодија“



Моќна приказна за животот на најдобриот вокал на сите времиња, Фреди Меркјури, пејач од рок-бендот „Квин“, кој со својата музика и чувство за авантура и специфичните настани ги прекрши сите правила на тогашната сцена.

„Луди богати Азијци“



Приказна за модерната Пепелашка која го запознава семејството на нејзиното момче, а која е специфична на свој начин. Станува збор за пребогато семејство во Сингапур. Обрнете внимание на Мишел Јео во категоријата за најдобра споредна женска улога. Веројатно останаа мал број луѓе што не го гледале ова филмско остварување и се заљубија во главниот лик Рами Малек. Тој е и најголемата ѕвезда во филмот, па неговата шанса за „Оскар“ за најдобар актер е многу посигурна од „Оскарот“ за најдобар филм.

„Фаворитот“



Талентираната Ема Стоун ја толкува улогата на слугинка која се бори за наклонетоста на кралицата Ана. Филмот е режиран од Јоргос Лантимос, а дејствието се одвива на почетокот на 18 век во Англија, во замокот на кралицата Ана, каде што се случува вистинска битка помеѓу слугинките Ебигејл (Стоун) и лејди Сара (Рејчел Вајс) околу тоа која ќе биде поблиска со кралицата. Филмот има одлична екипа на актери. Покрај тоа Лантимос, кој и претходно беше номиниран, конечно би можел да добие „Оскар“ за најдобар режисер.

„Првиот човек“



Филмот е инспириран од биографијата на Нил Армстронг, „Првиот човек: Животот на Нил А. Армстронг“ што во 2005 година ја објави историчарот на НАСА, Џејмс Хансен. Можеби звучи како клише, но „Првиот човек“ е традиционален, херојски американски филм што изгледа како идеален материјал за „Оскар“. Единствен проблем е тоа што по првичната возбуда за филмот, некако престана да се зборува за него.

„Зелената книга“



Вистинска приказна за Тони Лип, кој работел како обезбедување на угостителски објекти, но во 1962 година бил изнајмен како возач од д-р Дон Ширли, еден од најдобрите џез-пијанисти во светот. Турнејата опфаќала пат од Њујорк до далечниот југ. Со оглед на тоа што д-р Дон Ширли бил од афроамериканско потекло, тие во текот на патувањето го користеле водичот „Negro Motorist Green Book“ со чија помош барале мотели, ресторани и бензински пумпи во кои би биле добредојдени. На ова патување тие меѓусебно се запознаваат, како и околниот свет во кој живеат, наидувајќи на расизам, опасност и неочекувана хуманост. На повидок е „Оскар“ за најдобар филм.

„Ако улицата Бил можеше да зборува“



Американска романтична драма режирана од Бери Џенкинс ја раскажува приказната на млада афроамериканска девојка која, со поддршка од нејзиното семејство, се обидува да ја докаже невиноста на своето неправедно обвинето момче пред да им се роди дете. Најголемите шанси на овој филм лежат во можниот „Оскар“ за најдобра споредна женска улога, бидејќи Реџина Кинг е неверојатна во улогата на мајката на Тиша.

„Мери Попинс се враќа“



Дејствието е сместено во 30-тите години во Лондон и раскажува за култната дадилка Мери Попинс што ја гледавме како деца. Се чини дека Емили Блант повеќе може да се пофали со оваа улога отколку таа во „Тивко место“. Исто така, музиката од овој филм ќе води жестока битка со „Shallow“ од „Ѕвездата е родена“.

„Рома“



„Рома“ е драма на режисерот и сценарист Алфонсо Куарон. Тој е и еден од продуцентите и фотографите на филмот. „Рома“ е половина биографски поглед на животот на режисерот Куарон во Мексико Сити, и прикажува една година од животот на семејство од средната класа во тој град, во почетокот на 70-тите. Ќе биде тесно, но „Рома“ има големи шанси да го однесе „Оскарот“ за најдобар филм на странски јазик, а Куарон за најдобар директор на фотографија.

„Заменик“



Овој филм стана познат главно поради Кристијан Бејл, кој поради улогата се здебелил повеќе од 20 килограми. Станува збор за улогата на некогашниот американски претседател Дик Чејни и десната рака на Џорџ Буш. Ова би можела да биде година на Ејми Адамс, која ја глуми сопругата на Дик Џејни. Вил Ферел го продуцирал филмот, а режисер е Адам Мекеј.