Микрокуќа во која има сѐ

Микрокуќа во која има сѐ

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Не дозволувајте да ве измами бојата на фасадата на оваа мала куќа. Вилата „Хермина“ всушност е интелигентно дизајнирана микрокуќа за одмор сместена во Чермињ, Чешка. Зад оваа розова боја, верувале или не, се кријат три ката и киносала. Секако, тоа не е голема киносала, но за ваква мала куќа е прилично импресивна.

Куќичката ја смислиле архитекти од архитектонското биро ХСХ, а сигурно ве интересира како успеале во толку мала куќа да вметнат киносала. Едноставно - со помош на рампа. Имено, во куќата класичните скали ги замениле со рампи кои обезбедиле дополнителен станбен простор, а послужиле и за задоволување на желбите на клиентите за кино.






Во средишниот дел на куќата рампата со вграден орман во подот служи како дневна соба и соба за забава. Кога сопствениците сакаат да гледаат филм, завесите се спуштаат, орманот се отвора и излегува прожектор, додека малиот агол е идеален за гледање филм. Детската соба е сместена на приземјето и има многу вградени плакари за чување работи и сопствена бања. Уште една рампа исто така се користи за одмор и дружење, а води до главната спална соба, која исто така има низа полици и сопствена бања, додека кујната е на вториот кат.






Но, освен со бојата, куќата го привлекува вниманието и со надворешниот изглед, кој многу се разликува од традиционалните куќи во тој крај. Изградена е од дебели цигли и нема традиционален покрив, а ја красат големи прозорци. Освен тоа, целата е обвиткана со розов полиуретан, кој обезбедува топлинска изолација и отпорност на вода, додека ентериерот е со чисти и едноставни линии во зелена и сива боја.



Фото: Jutarnji