Премиерата на серијата од светот на „Игра на троновите“ закажана за 2022 година

Премиерата на серијата од светот на „Игра на троновите“ закажана за 2022 година

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Фановите на „Игра на троновите“ веројатно нема долго да ја чекаат премиерата на серијата „Куќата на змејот“, која е поврзана со светот од „Игра на троновите“.

Директорот на програмата на Ејч-би-о, Кејси Блојс, вели дека серијата веројатно ќе ја доживее својата премиера некаде околу 2022 година.

Блојс не даде повеќе детали, иако рече дека приказната е во развој и дека веројатно сè ќе биде подготвено за две години. Детали за тоа кои глумци ќе бидат вклучени сè уште нема. Тој истакна дека и покрај фактот што Ејч-би-о имал предвид неколку серии поврзани со „Игра на троновите“, моменталниот фокус е на „Куќа на змејот“.

- Нема други серии што добија зелено светло. Можеби подоцна, којзнае, но моментално нема планови. Сега сите се фокусираме на „Куќа на змејот“.

„Куќа на змејот“ е базирана на книгата на Џорџ Р. Р. Мартин од 2019 година - „Оган и крв“. Дејството на книгата се одвива 300 години пред настаните во „Игра на троновите“ и ја раскажува историјата на семејството Таргариен, почетоците на Егон Освојувачот и неговото освојување на Вестерос и владеењето со Седумте кралства. Подоцна книгата скока низ неколку децении, споменувајќи го секој последователен владетел Таргариен и политиката, граѓанските војни и интригите низ историјата.

Кои аспекти од историјата на Вестерос серијата ќе ги усвои, сè уште не е познато - можно е „Куќа на змејот“ едноставно да се фокусира само на еден дел од историјата на семејството Таргариен, како што е освојувањето на Егон или „Танцот на змејовите“ (граѓанска војна што ветува епски змејски борби).