Учеството во уметнички и културни настани позитивно влијае врз физичкото и менталното здравје

Учеството во уметнички и културни настани позитивно влијае врз физичкото и менталното здравје

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Утврдено е дека уметничките и занаетчиските активности позитивно влијаат врз менталното здравје. Токму затоа, не е изненадување тоа што настаните поврзани со уметноста и културата се еднакво корисни за физичката и менталната состојба.

Новото истражување спроведено од Министерството за култура, медиуми и спорт во Британија покажува дека присуството или учеството во уметнички настани, дури и повремено или на секои неколку месеци, ги ублажува здравствените симптоми како болка, депресија и зависност од лекови. Исто така, истражувачите открија дека музиката има особено силна врска со подобрениот квалитет на животот.

Истражувањето се фокусирало на 13 различни групи луѓе, сите на различни возрасти. Резултатите докажале дека здравјето и благосостојбата се подобруваат кога се извршуваат или се посетуваат активности поврзани со уметноста. Како пример биле наведени часовите по цртање наречени „Четврток во музејот“, а учесниците кои биле постари од 65 години пријавиле поголемо задоволство од животот откако присуствувале во период од три месеци, на неделно ниво.

- Ангажманот во уметноста има различни и опипливи ефекти врз здравјето од поддршка на когнитивниот развој и заштита од когнитивен пад, до намалување на симптомите за ментална болест и подобрување на благосостојбата, како и намалување на болката и стресот, намалување на осаменоста и одржување на физичкото функционирање - вели проф. Дејзи Фанкур, коавтор на истражувањето.

Со подобрување на целокупната благосостојба на учесникот, иницијативите за уметност и култура го намалуваат и оптоварувањето на здравствениот систем. Така, учесниците во програмата „Четврток во музејот“ имале поретки посети кај своите матични лекари.

- Ова покажува дека инвестициите во уметноста би можеле да бидат вредни за луѓето и здравствените услуги како дел од превентивната здравствена агенда, а и дека секое намалување на финансирањето на уметноста треба да се смета за ризик за јавното здравје - вели Фанкур.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Freepik