Социјалната изолација е поврзана со побрз пад на когнитивната функција

Социјалната изолација е поврзана со побрз пад на когнитивната функција

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ново истражување од Универзитетот „Сент Ендрус“ открива директен причинско-последичен ефект помеѓу социјалната изолација и побрзиот пад на когнитивната функција во подоцнежниот живот. Патолошкиот когнитивен пад најчесто е предизвикан од Алцхајмерова болест и сродни деменции.

Студијата открила конзистентен модел на повисока социјална изолација што предизвикува побрз когнитивен пад, без разлика дали луѓето се идентификуваат како осамени или не.

Како се разликуваат социјалната изолација и осаменоста

Социјалната изолација објективно се мери како, на пример, стапка на дружељубивост, членство во организации во заедницата и религиозно учество, додека осаменоста е субјективно гледиште за тоа колку често луѓето се чувствуваат осамени. Иако социјалната изолација и осаменоста често се сметаат за поврзани, се чини дека имаат независни ефекти врз когнитивната функција.

Училиштето за географија и одржлив развој во „Сент Ендрус“, заедно со истражувачите од Институтот „Макс Планк“ од Германија и Универзитетот „Емори“ во САД, анализирале податоци од студијата за здравство и пензионирање во САД, разгледувајќи 137.653 тестови за когнитивна функција, направени помеѓу 2004 и 2018 година од над 30.000 лица.

Тие откриле дека намалувањето на социјалната изолација има заштитен ефект врз когнитивната функција за сите потпопулации без оглед на пол, раса, етничка припадност и образовно ниво, со само мали разлики меѓу социјалните категории.

Поширок контекст и импликации за јавното здравје

Постои голем интерес за здравствените ефекти од социјалната изолација и осаменоста, особено фокусиран на адолесцентите и постарите возрасни лица.


Пред ковид-19 околу една четвртина од постарите лица (65 години и повеќе) се идентификувале како социјално изолирани, што предизвикало загриженост. Слично на тоа, осаменоста е препознаена како голем проблем за јавното здравје во земјите со високи приходи, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Шведска, Австралија, Германија и Јапонија. Во САД, Алцхајмеровата болест веќе зафаќа околу 6,9 милиони луѓе, а едно од секои 11 лица над 65 години е засегнато и во Велика Британија. Без познат лек, превенцијата е најважна.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik