Социјалните мрежи деактивираа речиси пет милиони профили на тинејџери во Австралија
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Социјалните мрежи во Австралија колективно деактивираа речиси 5 милиони профили на австралиски тинејџери, само еден месец по стапувањето во сила на првиот закон во светот кој им забранува на корисници под 16 години пристап до социјалните мрежи, соопшти регулаторната агенција за интернет во Австралија.
Џули Инман Грант, комесарка за е-безбедност, изјави дека социјалните мрежи досега отстраниле околу 4,7 милиони профили на корисници помали од 16 години за да се усогласат со законот кој стапи во сила на 10 декември.
Некои социјални мрежи најавиле дека ќе започнат со затворање на профилите на малолетници дури и недели пред рокот.
Овие податоци претставуваат први официјални бројки за усогласеност и покажуваат дека социјалните мрежи преземаат значајни чекори за да го почитуваат законот, кој предвидува казни до 49,5 милиони австралиски долари (околу 28,5 милиони евра) за непочитување, но не ги смета децата или нивните родители за одговорни.
Бројот на деактивирани профили далеку ги надминува процените кои кружеле пред донесувањето на законот и одговара на повеќе од два профили по секој австралиски корисник на возраст од 10 до 16 години, според податоците за популацијата.
Компанијата „Мета“ претходно соопшти дека отстранила околу 550.000 профили на помлади корисници од „Инстаграм“, „Фејсбук“ и „Тредс“. Правилото за минимална возраст исто така важи и за „Јутјуб“, „Тик-ток“, „Снепчет“ и „Икс“.
Американската социјална мрежа и платформа за споделување содржини „Редит“ соопшти дека се придржува до правилото, но поднела тужба против австралиската влада барајќи укинување на забраната. Австралиската влада најави дека ќе се брани.
- Јасно е дека регулаторните упатства на „Исејфти“ и ангажманот со социјалните мрежи веќе даваат значајни резултати - наведува Грант во соопштението и додаде дека некои профили на помлади корисници сè уште остануваат активни и дека е прерано за прогласување на целосна усогласеност.
Сите компании што првично беа опфатени со забраната најавиле дека ќе го почитуваат законот.
Извор:
Euronews.rs
Фото: Freepik