Тинејџерки создале сламка што детектира дрога за силување во пијалак

Тинејџерки создале сламка што детектира дрога за силување во пијалак

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Три тинејџерки се борат против дрогата користена за силување со помош на сламка. Силувањето во текот на состаноците е значаен проблем, особено кај студентките, но едноставна сламка може да помогне да се спречи овој криминал.

Девојките го смислиле концептот на час по претприемништво. Тие одлучиле да го пријават нивниот производ на натпреварот за бизнис-план „Мајами хералд“ и го освоиле првото место.

18-годишната Викторија Рока и 17-годишните Сусана Капело и Каролина Багори се ученички во средното училиште „Гуливер“ во Флорида. Тие дизајнирале „паметни сламки“ што вклучуваат две посебни ленти за тестирање, па ако се стават во пијалак, стануваат светлосини доколку во пијалакот има супстанција што често се користи за сексуална злоупотреба. Сламката може да ги идентификува најпопуларните форми на дрога за силување, вклучувајќи кетамин, рохипнол и гама-аминобутерна киселина.

- Знаеме дека ова не е решение бидејќи не можеме да му ставиме крај на силувањето, но се надеваме дека ќе го намалиме бројот на силувања и опасните ситуации во кои би можеле да се најдете токму поради овие дроги - вели Багори.

Истражување од 2016 година од Бирото за правда откри дека силувањата на состаноци се меѓу поголемиот број случаи на силување. 21 отсто од студентките на факултет на девет универзитети доживеале сексуален напад откако се запишале на факултет, а најголем број инциденти вклучуваат консумирање дрога и алкохол. Девојките на возраст од 16 до 24 години биле најтаргетирани групи.

- Со оглед на тоа што сум млада девојка, сметам дека ова е проблем за кој слушаме многу, особено кога сме во средно училиште - вели Багори.

„Паметната сламка“ е одличен изум, но не треба да ги замени потребните мерки на претпазливост:

- Не прифаќајте пијалак од странец.
- Сами отворете ги пијалаците и гледајте додека шанкерот ви го прави пијалакот.
- Секогаш внимавајте на пијалакот, а ако одите во тоалет, земете го со вас.
- Држете се подалеку од игри што вклучуваат пиење алкохол.
- Не пијте ништо што мириса, изгледа или има необичен вкус.
- Кога планирате да се испијаните, гледајте да имате пријател со вас кој не пие и може да ве чува.
- Ако имате сомнителни симптоми, кажете му на пријател на кој му верувате.
- Чувајте се од секој што инсистира да пиете нешто, кажете „не“ и заминете си.

Капело објаснува дека тимот ќе продолжи со различни начини на подобрување на сламките, вклучувајќи го и тоа да бидат екопријателски. Девојките планираат производот да биде прифатлив и доволно евтин.

Тие сакаат да почнат кампања на „Кикстартер“ и се решени нивната деловна идеја да биде успешна.

- Се надеваме дека ќе ги инспирираме луѓето што имаат некаква деловна идеја да ја реализираат - вели Рока.

Извор: intelligentliving.co
Фото: C. M. Guerrero/Miami Herald