Некогашни правила за стјуардеси што денес би биле незамисливи
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Списокот со барања за работното место стјуардеса од 1954 година, кој неодамна се појави на социјалните мрежи, предизвика шок и неверување.
Условите за вработување го одразуваат времето во кое се поставени, но понекогаш можат да бидат изненадувачки строги, неправедни, па дури и апсурдни.
Додека денешните критериуми најчесто се насочени кон вештините и квалификациите на кандидатите, некои од барањата во овој стар документ изгледаат застарени, а некои се неприфатливи.
Строги правила и несекојдневни барања
Овој список, кој им бил даден на кандидатките што се надевале дека ќе станат дел од авионскиот екипаж, стана вирален по редит-објавата. Документот бил создаден од „Чикаго енд саудерн ејрлајнс“, авиокомпанија која подоцна се споила со „Делта ејрлајнс“.
Самото име на документот, „Квалификации за стјуардеса“, е доказ за едно сосема поинакво време.
Првото барање гласело дека кандидатката не смее да има момче, ниту да биде свршена. Понатаму, стјуардесата морала да биде на возраст меѓу 22 и 28 години, висина од 158 до 165 сантиметри и тежина од 45 до 54 килограми.
Requirements for being a flight attendant in 1954
byu/ineedtofiguremyshit ininterestingasfuck
Кандидатката морала да има добар вид и да не носи очила, да има здрави заби и добра фигура.
Дополнително, морала да има тенки нозе, косата не смеела да ѝ биде фарбана, а се барало и минимум четири години факултет или две години факултет и две години работно искуство.
Барањата не завршуваат тука – стјуардесата морала да знае да води жив разговор, да биде смирена бидејќи не смеела да биде испровоцирана од барањата на патниците.
Од кандидатките се очекувало да бидат љубезни, секогаш подготвени да им угодат на патниците, како и да бидат подготвени да се преселат доколку авиокомпанијата го побара тоа од нив.
На крајот, во документот стоело дека кандидатката мора да биде државјанка на САД, да има совршено здравје, чиста кожа и убави раце.
Бурни реакции на социјалните мрежи
Овој список со барања стар повеќе од 70 години предизвика лавина коментари на интернет. Корисниците на социјалните мрежи останаа шокирани од тоа колку биле строги и дискриминаторски условите за оваа професија во минатото.
- Замислете денес некој да постави вакви услови за работа - гласеше еден од коментарите.
Извор:
Telegraf.rs
Фото: Freepik