Брендовите ги претвораат Зимските олимписки игри во модна писта

Брендовите ги претвораат Зимските олимписки игри во модна писта

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Ски-сезоната повеќе не е само спорт, туку преминува во начин на живот. Со започнувањето на Зимските олимписки и параолимписки игри во Италија брендовите ја користат облеката за студено време како културна вредност. Зимскиот стил, функционалноста и идентитетот почнуваат да се спојуваат.

Модните брендови ги гледаат скијачките патеки како глобална сцена. „Емпорио Армани“, „Ралф Лорен“ и „Лулулемон“ ги дизајнираат униформите за репрезентациите на Италија, САД и Канада, претворајќи ја спортската опрема во приказна. „Ралф Лорен“ го поставува тонот со впечатлив бел волнен капут за церемонијата на отворање, а за затворањето се инспирира од ретро комплети за ски-трки. „Соломон“ дополнително го зацврстува кредибилитетот опремувајќи 18.000 олимписки и параолимписки волонтери со јакни и чизми.

Приказната се проширува и на секојдневните навики. „Дагсмејан“ обезбедува терморегулирачка ноќна облека и маски за очи наменети за спортистите.

Од планинска колиба до модна писта


Како што ски-културата навлегува во секојдневниот зимски живот, брендовите ги повикуваат потрошувачите да учествуваат преку стил и доживување. Колекцијата за скијање и сноуборд на „Џеј Кру“ го одразува тој пресврт. Кампањата прикажува професионални спортисти како се маваат со снежни топки или се одмораат на лежалки, а тригодишното партнерство најавува долгорочна посветеност. Уредничките модни избори со фокус на скијачка естетика го позиционираат алпскиот стил во секојдневните зимски комбинации - „Затрупани со снег, средени со стил“ ја доловува атмосферата и ја претставува сезоната како свесен естетски избор.



Алпската приказна продолжува во Кортина. „Френки шоп“ ја фотографира својата ски-колекција во амбиент на планински ритуали, каде што локацијата станува и сценографија и продажен простор. По повод лансирањето, брендот организира настан во планинската колиба „Бар Доломити“ со бифе и диџеј. Инспирацијата од доцните 70-ти и 80-ти носи издолжени силуети, раскошни текстури и богати крзнени детали.

Додатоци и убавина: топлина во студени денови

Модните додатоци и козметичките брендови не остануваат настрана. „Фреја“ го претстави „Алпски избор“, прв во серијата „Патнички избор“. Наменет за моменти на одмор, пристигнувања, заминувања на патеката, овој избор нуди практичност и приспособливост. 

Козметичката индустрија го следи истиот ритам. Сѐ повеќе внимание се посветува на негата по скијање, бидејќи студот и надморската височина претставуваат посебен предизвик за кожата. Козметичките компании ја истакнуваат негата по скијање како растечки тренд, нагласувајќи дека кожата во зима се однесува поинаку.

Скијачката сезона повеќе не е само за мал број ентузијасти - спортот стана момент на животен стил што опфаќа повеќе категории.

Извор: BIZlife.rs
Фото: Screenshot/Facebook