Како никој не ја забележа најспектакуларната кражба во Германија?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Станува збор за најспектакуларното ограбување на банка во Германија во последните неколку години.
За време на еден мирен викенд, веднаш по Божиќ, група крадци влегле во банка на главната улица во западниот град Гелзенкирхен, пробивајќи ѕид со индустриска дупчалка.
Крадците ограбиле повеќе од 3.000 сефови и побегнале со милиони евра. По повеќе од еден месец, полицијата сè уште не уапси никого.
Многу клиенти, кои ги загубиле животните заштеди и семејниот накит, се шокирани и бесни, а довербата во институциите е сериозно нарушена.
Како се случил грабежот?
Полицијата верува дека крадците влегле преку соседен паркинг. Прво ги оштетиле вратите кон скалите за евакуација, а потоа пробиле дупка во ѕидот до трезорот, широка 40 сантиметри, што им овозможило пристап до сите сефови.
Според официјални извори, грабежот се случил помеѓу 27 и 29 декември 2025. Во саботата, околу 18:00 часот, противпожарниот аларм се активирал, можеби од страна на крадците. Пожарникарите и приватната фирма за обезбедување дошле во 18:15, но не нашле ништо сомнително и заклучиле дека станува збор за лажна тревога.
Крадците ги отвориле речиси сите 3.250 сефови, украле пари, злато и накит. Полицијата истакнува дека не успеала да утврди како крадците ги отвориле сите сефови за четири часа и како ги избегнале камерите.
Сведоци виделе неколку маскирани мажи во близина на паркингот со големи торби вечерта на 28 декември. На снимките се гледаат два автомобили: црно „ауди РС 6“ и бел „мерцедес ситан“, со лажни регистарски таблички.
Еден од клиентите, 63-годишниот Јоаким Алфред Вагнер, изгубил не само злато вредно десетици илјади евра, туку и накит од семејството.
Банката соопштила дека секој сеф е осигуран до 10.300 евра, но некои клиенти поднеле тужби поради несоодветно обезбедување. Многу предмети биле оштетени бидејќи крадците користеле вода и хемикалии.
Медиумите проценуваат дека биле украдени до 100 милиони евра.
Тим Фромајер, шеф на полицијата, истакнува дека одделот е свесен за обемот на случајот и за финансиската и психолошката штета на жртвите.
Извор:
ВВС
Фото: Screenshot/YouTube