Битолските музејски пафти се ремек-дела на народниот мајстор - истражување на етнологот Ефросинија Паревска

Битолските музејски пафти се ремек-дела на народниот мајстор - истражување на етнологот Ефросинија Паревска

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Збирката брои 30 примероци, од кои 13 се целосно зачувани, а меѓу нив има и стари, градски пафти што ретко можат да се најдат затоа што дел од ваквиот накит завршил по туѓи музеи или бил претопен

Бадемести, кружни, правоаголни, па дури и пиротски, излеани од благородни метали, со позлати, седеф, украсни камења, некои работени со техника на филигран... Стари по век или два, сѐ уште им го запираат здивот на посетителите со својот уникатен изглед. Битолските пафти од етнолошката збирка на Завод и музеј се вистински ремек-дела на народниот мајстор. Етнологот и антрополог, виш кустос Ефросинија Паревска, на која проучувањето на накитот и украсувањето ѝ се животна пасија, неодамна објави научен труд за битолската збирка. Вели дека таа содржи едни од најуникатните и најрепрезентативни музејски парчиња од овој тип народен накит во земјава.

- Етнолошката збирка на пафти на НУ Завод и музеј – Битола располага со повеќе од 30 примероци, од кои, за жал, само 13 се целосни. Сите се од домицилно, односно домашно потекло, од битолски занаетчии и за нив може слободно да се каже дека се ремек-дела на народната применета уметност, каде што креативноста и вештината на народниот мајстор дошле до најголем израз - вели Паревска.


Ефросинија Паревска
Градските пафти се поестетски

Уникатноста на збирката е и во тоа што се сочувани и примероци на градски пафти.

- Тие биле украс за женската половина како во селските така и во градските средини. Разликата е во нивната големина, селскиот накит е помасивен, и во материјалот и начинот на изработка. Кај градските пафти, ако може така да се наречат, повеќе среќаваме, на пример, техника на филигран и се понежни, со цел да се вклопат со сензибилните материјали и градските костими кои ги надополнувале во времето кога биле носени - додава етнологот.



Го означуваат преминот од девојка во жена

Во себе го носат белегот на женственоста зашто ги краселе женските половини. Но, ја симболизирале и плодноста бидејќи жените ги облекувале на денот на свадбата, па го означувале преминот од девојка во жена. Тој е најсвечениот настан во животот на една жена и од таа гледна точка сите овие примероци се поврзани со нечија интересна животна приказна. Оттаму корени влечи и дарувањето на невестата пред почетокот на бракот. По изработката се проценувал и социјалниот и економскиот статус на девојката и семејството, а за време на бременост служеле и како заштита на плодот.



- На нив не постојат иницијали што би укажале на сопственикот, површината целосно им е исполнета со декоративни украси, а и традиционално народниот накит се предавал во рамките на едно семејство, од колено на колено. Главно семејството на младоженецот е она што ги нарачувало првпат или доколку ги имало во фамилијата, ѝ ги подарувало на идната снаа. Тоа е една традиција која се задржала до денес, кога на чинот на давање збор или свршувачка, а некогаш и на самиот ден на свадбата, родителите на младоженецот ја даруваат невестата со злато или друг вид скапоцен накит - додава Паревска.

Творби на битолската златарска работилница

Битолските музејски пафти датираат од 18, 19 и почеток на 20 век. Дел се подарени дел откупени. Тие се ремек-дела на битолската златарска работилница која со своите луксузни творби го снабдувала целото подрачје на Балканскиот Полуостров.



- Битолската златарска работилница била една од најголемите во тоа време на Балканот, а нејзиното значење е особено кога во Битола било пренесено седиштето на Румелискиот вилает. Таа го снабдувала регионот до Призрен, Мостар, Белград и Дубровник. Покрај веќе добро востановените практики и форми на изработка на накит, големо влијание врз изгледот и начинот на изработување извршиле Турците Османлии со нивното доаѓање на Балканот, а подоцна и западните влијанија, како што е левантскиот барок, кој пристигнал преку Солун - раскажува вишиот кустос Паревска.

Да го цениме повеќе она што го имаме пред целосно да го загубиме

Дел од досегашната збирка е изложен во постојаната поставка на НУ Завод и музеј – Битола, а поголемиот дел се чува во етнолошкото депо во рамките на музејот. Ефросинија жали што последните години воопшто нема откуп на овој тип накит.



- За жал, општо гледано, состојбата со нашето културно наследство, било тоа да е движно, недвижно било духовно, не е сјајна во поглед на неговото зачувување и свесноста за неговата важност. Не само во Македонија, туку и во соседните земји каде што овој тип накит е застапен, скапоцени примероци се продаваат на црниот пазар или во минатото за време на економските кризи биле и претопени, а и голем дел од нив се наоѓаат во музеите на соседните земји - вели таа.

Смета дека фолклорниот народен накит не е доволно истражен од научна гледна точка. Прескокнат е во научните истражувања кај нас, во смисла на тоа дека се споменува единствено во рамките на народните носии, а накитот отсекогаш бил свет сам по себе.



Нејзините понатамошни планови се преку научни истражувања, презентирања и промоции на ова наше богато и вредно етнолошко културно наследство, јавноста да се запознае малку повеќе со него, да се подигне свеста за неговата важност и да почнеме да го цениме малку повеќе она што го имаме пред целосно да го загубиме.

Фото: приватна архива