Ако пријателите се познаваат во мака, тогаш Македонија ги има многу

Ако пријателите се познаваат во мака, тогаш Македонија ги има многу

Деновиве тагата и болката се сеприсутни и сите бараме начин како да се справиме со нив. Сите бараме начин како да најдеме утеха, а здравствените работници неуморно работат за да им помогнат на преживеаните од катастрофалната несреќа што во неделата, рано наутро, се случи во Кочани, каде што во пожар во дискотеката „Пулс“ животот го загубија најмалку 59 лица, а повеќе од 170 се повредени.

Директорот на Фондот за здравство, Сашко Клековски, доцна синоќа на социјалните мрежи објави дека се хоспитализирани нови 20 случаи, вклучувајќи и три пожарникари.

- Со тоа, и покрај преносот во странство, бројот на хоспитализирани е околу 90 повредени, и тоа во Клинички центар 60 лица, ГОБ „8 Септември“17 лица и „Св. Наум Охридски“ 12 лица. На тоа треба да се додадат 8 повредени во „Аџибадем Систина“ и 6 повредени во „Жан Митрев“ - стои во објавата.

Во овие моменти на тага и болка, Македонија освен зборови за утеха и сочувство, од многу пријатели доби огромна помош. Вкупно 73 пациенти се примени во многу држави во Европа, а денеска е ден на жалост во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Бугарија. Граѓаните на Бугарија без двоумење вчера и завчера застанаа во редиците за да донираат крв за повредените Македонци, а како што е случај и со луѓето од другите земји, така и од Бугарите не изостанаа понудите за сместување на роднините на повредените.

Авиони со пациенти полетаа и кон пријателските Турција и Грција, а капацитети во своите здравствени установи за повредените обезбедија и Хрватска, Словенија, Унгарија, Романија, Австрија и Литванија.

Македонија го активира Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, барајќи помош за евакуација на 15 пациенти со тешки изгореници и во брза реакција, 9 земји (Хрватска, Грција, Романија, Словенија, Шведска, Литванија, Унгарија, Луксембург и Норвешка) веднаш понудија помош. Досега, според соопштенијата на Министерството за здравство, од овие 9 земји, повредени не се пренесени само во Шведска и Норвешка.

Министерот за здравство Арбен Таравари вчера изјави дека во Скопје пристигнале околу 15 специјалисти од Србија и Чешка за да помогнат во лекувањето на повредените, а се очекува да пристигнат и лекари од Израел. Тие, додаде Таравари, ќе бидат распоредени на клиниките каде што има потреба.

Ако пријателите се познаваат во мака, тогаш слободно можеме да заклучиме дека Македонија ги има многу. Хуманоста, после сè, не познава раси, граници и политика.

Затоа, благодариме пријатели!

Фото: X/MFA_Austria