„Чудовиште со голем апетит“: Откриена е најбрзорастечката црна дупка

„Чудовиште со голем апетит“: Откриена е најбрзорастечката црна дупка

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска



 Астрономите открија најбрзорастечка црна дупка што некогаш е видена во вселената. „Чудовиштето со голем апетит“, како што ја нарекоа, расте толку брзо што за два дена може да „вшмука“ маса еквивалентна на онаа на Сонцето, пишува Си-ен-ен.


Црна дупка
(Фото: Pixabay)


Истражувачите од Австралискиот национален универзитет први ја открија оваа супермасивна црна дупка, позната и како квазар, која благодарение на телескопот „Скај мепер“ е означена како потенцијално интересен објект.

Потоа ги искористија податоците на Европската агенција за истражување на вселената за да утврдат колкава е оддалеченоста на таа црна дупка. Тие откриле дека се потребни повеќе од 12 милијарди години за млазот на црната дупка да допре до Земјата.

Тоа е најсјајниот квазар виден досега. Како што истакнува Кристијан Волф, црната дупка е неколку илјади пати посјајна од нашата галаксија.

Црните дупки се сметаат за најтемните објекти во вселената што голтаат сè, вклучително и светлината. Меѓутоа, оваа е изразено сјајна, токму поради нејзиниот „апетит“.

Се проценува дека црната дупка е 20 милијарди пати поголема од Сонцето. Волф додава дека првобитно била 5000 пати поголема од Сонцето и дека останатите црни дупки се само 50 пати поголеми од нашата најголема ѕвезда. Затоа научниците се прашуваат на што се должи нејзината огромна масивност.

„Можеби ова ни говори за необичните процеси што се поврзани со Големата експлозија. Што навистина се случило таму сè уште не е јасно“, додава Волф.

Тој истакнува дека најверојатно постојат повеќе такви црни дупки во вселената и дека имаат намера да истражат колку е „голем проблемот што мора да се реши“.