Фотографии од Земјата и Месечината, снимени од милион километри оддалеченост

Фотографии од Земјата и Месечината, снимени од милион километри оддалеченост

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска

НАСА неодамна лансира вселенско летало и два мали сателити на Марс, а фотографиите што ги испрати еден од сателитите ни ги покажуваат големините на Земјата и на Месечината од оддалеченост од околу еден милион километри.


Сателитска снимка од Земјата и Месечината
(Фото: NASA/JPL-Caltech)


НАСА пред десет дена го лансира леталото „Инсајт“, кое за следните шест месеци треба да стигне до својата крајна дестинација – Марс, а слетувањето се очекува да се случи на 26 ноември. Заедно со „Инсајт“, НАСА во вселената испрати и два мали сателити наречени „Марс кјуб уан“ и „Марко“, кои станаа најмалите сателити што некогаш поминале растојание поголемо од растојанието на Месечината од нашата планета.

Сателитите се опремени со „фишај“ камери, а сателитот „Марко“, кој научниците во текот на проектот го преименуваа во „Воли“, на 9 мај ја сними првата фотографија што ја испрати на Земјата. Инженерите од тимот на „Марко“ ја поставија оваа камера за снимките испратени од сателитот да можат да ја потврдат правилната насоченост на антените поставени на сателитите.

Фотографијата ја потврдува правилната поставеност на антените, што е најважно за инженерите, но покажува и уште една интересна работа – две мали точки. Поголемата точка е нашата планета – Земјата, снимена од оддалеченост од околу милион километри, а под неа е видлива уште една помала точка – Месечината.

Вакви мали сателити, познати и како „Кјубсетс“, на почетокот беа користени за едукација на студенти, а денес станаа значаен комерцијален производ кој собира многубројни корисни податоци – од рутите на бродовите до промените во животната средина.

Во оваа мисија сателитот „Марко“ ќе праќа информации за леталото „Инсајт“ кога ќе влезе во орбитата на Марс и ќе се спушти на површината од Црвената Планета, при што овие антени на сателитите ќе бидат клучни за пренос на информации до Земјата.