Најдолгиот и најконтроверзниот мост во Европа

Најдолгиот и најконтроверзниот мост во Европа

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Русија ја отвори единствената патна линија кон Крим. Проектот, кој е голем технички и геополитички предизвик, беше ставен на врвот на државната агенда. Тој беше завршен неколку месеци пред предвиденото и чинеше неверојатни 2,7 милијарди фунти.

Рускиот претседател Владимир Путин прв го премина мостот, предводејќи колона камиони од Русија до Крим, а патувањето траеше 17 минути. Потоа портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, го отвори патот за јавноста.

- Незаборавно! Ова е вистинска прослава. Бројот на луѓе што сакаат да патуваат преку мостот денес е огромен - млади и стари, луѓе поврзани со Русија и со Крим - рече таа.

Овој мост е долг 18 километри и е најдолг во Европа.

Првите планови за изградба на мостот се појавиле во времето на Николај Втори, но паднале во вода поради Првата светска војна. Потоа нацистите се обиделе да изградат перманентна структура за време на Втората светска војна, но тој план бил уништен од страна на Црвената армија.

Германските планови биле присвоени од Сталин и конструкцијата била завршена за шест месеци. Но, мостот на Сталин паднал по само неколку недели откако инженерите добиле медали.

Досега врската меѓу Русија и анектираниот полуостров беа фериботите со кои се преминуваше. По забраната за преминување на копнената граница со Украина по воената кампања во Донбас, фериботите станаа клучна врска. Често имаше колони возила и фериботи.


За изградбата на мостот, Украина рече дека е прекршување на меѓународното право. Украинскиот министер за надворешни работи, Павло Климкин, на „Твитер“ напиша дека Русија изградила мост до никаде.

- Ова е мост меѓу окупиран Крим, каде што луѓето се исплашени и исчезнуваат, и Русија, каде што 1.600 лица може да бидат уапсени во еден ден поради мирен протест. Двете насоки водат до никаде - напиша тој.

И Велика Британија го осуди отворањето на мостот, оценувајќи дека е нарушување на украинскиот суверенитет и уште еден пример за дрското однесување на Русија. Односите меѓу Русија и Британија се на рекордно ниско ниво по случајот со Скрипал.