Наумовска: Матурата нема да се укине со волшебно стапче, матурантите да го искористат времето за учење

Наумовска: Матурата нема да се укине со волшебно стапче, матурантите да го искористат времето за учење

Подготвил: Антонија Поповска

Лектор: Ивана Кузманоска

За полагање државна матура се пријавени речиси 16.000 матуранти. За оние ученици што не сакаат да полагаат државна матура и не сакаат да одат на факултет, има опција да полагаат училишна матура, односно завршен испит

Времето до полагање матура се намалува, а учениците треба да го искористат за да ги повторат сите стекнати знаења и успешно да ја положат матурата. Матурантите да не очекуваат и да не веруваат во тоа дека матурата ќе се укине со волшебно стапче, апелира за Факултети.мк Елизабета Наумовска, директорката на Државниот испитен центар, институција која го организира и реализира полагањето на испитот на зрелоста. Таа вели дека рокот до полагањето е кус, а за барањата што се однесуваат на укинување на матурскиот испит се потребни време и законски измени во Собранието.

- За да се смени Законот за високо образование, мора такви измени да се гласаат во Собранието, а тоа е долга процедура. Во 2019 година имаше техничка влада, односно немаше парламент, па Владата можеше да носи одлуки со законска сила поради пандемија и затоа тогаш беше одлучено да нема матура за таа генерација. Сега нема пандемија, сите мерки се укинати, институциите функционираат - вели Наумовска.

Процесот на полагање државна матура е започнат со полагањето на проектната задача, која матурантите веќе ја сработија. За полагање државна матура се пријавени речиси 16.000 матуранти. За оние ученици што не сакаат да полагаат државна матура и не сакаат да одат на факултет, има опција да полагаат училишна матура, односно завршен испит.

- Без државна матура никој не може да ги прими во странство на студии. На матурантите не им браниме да не полагаат, имаат опција да полагаат училишна матура. Ние како институции мора да го почитуваме законот, а тој вели дека ние мораме да реализираме државна матура. Од друга страна, факултетите, согласно Законот за високо образование, мора да запишуваат студенти само со положена државна матура - потсетува Наумовска.



Во меѓувреме, околу 2.000 матуранти од државата собрале потписи и доставиле барање до МОН да се укине државната матура. Ѓорѓи Јачев, матурант од Штип, објаснува дека бараат да се ослободат од обврската да полагаат матура затоа што немале квалитетна настава.

- Во 2019 и во 2020 година учевме онлајн и немавме квалитетна настава, а следната учебна година почна со еден месец задоцнување. Оваа година просветните работници штрајкуваа. Ние бараме да ни се земат предвид оценките од сите години и со аритметичка средина да се пресмета просекот - вели Јачев.

Наумовска вели дека материјалот од кој ќе се паднат прашања на испитот е тој што се учел до март, па затоа не е оправдување прекинот на наставата поради штрајкот.

- Во петокот претставници на Сојузот на средношколци официјално беа кај премиерот и договорија неколку работи. Нивните барања не беа да нема матура. Секој ученик што има идеја или некаков предлог за иднина, би било добро да се приклучи во официјални средношколски организации и на тој начин да придонесе за решавање на проблемите. Учениците треба да се свесни дека само со оценките од средно не можат да се запишат на факултет. Нам ни треба квалитет, а тој може да се обезбеди само ако преку државната матура направиме вистинска селекција за обезбедување квалитетни идни студенти - вели Наумовска.

Пријавените матуранти ќе го полагаат испитот на зрелоста на 4 и на 13 јуни.