Откритие што зачудува: Како луѓето во ледената доба палеле оган и успеале да преживеат екстремни услови?

Откритие што зачудува: Како луѓето во ледената доба палеле оган и успеале да преживеат екстремни услови?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Новите археолошки истражувања открија изненадувачки детали за тоа како луѓето во ледената доба палеле оган, што било клучно за нивното преживување во суровата клима во тој период. Иако одамна е познато дека огнот служел за греење и приготвување храна, најновите анализи откриваат колку биле вешти и снаодливи нашите предци.

Поради малкуте добро сочувани остатоци од огништа од најстудениот дел на ледената доба, овој период долго време претставувал вистинска мистерија за експертите.

Истражувачи од Португалија и Австрија неодамна објавиле значајни откритија врз основа на анализи на три огништа пронајдени во Украина, стари над 20.000 години.

Со примена на современи методи, истражувачите откриле дека иако огништата биле едноставно изградени, тие биле мошне ефикасни. Особено ги изненадило тоа што достигнувале температури над 600 Целзиусови степени, што укажува на напредна техника на палење и одржување на огнот, дури и во толку сурови услови.

Имале напредно знаење за огнот

Главното гориво било дрво, претежно смрека, но пронајдени се и остатоци од запалени коски и животинска маст, што ја зголемувало топлината. Некои од коските покажуваат траги од изложеност на температури повисоки од 650 степени, што отвора прашање дали тие биле намерно користени како гориво или случајно завршиле во огнот.

Сите три огништа биле плитки и отворени, но се разликувале по големината и градбата, што упатува на тоа дека имале различни намени и веројатно се користеле во различни периоди од годината. Едното било значително поголемо, па научниците претпоставуваат дека можеби било специјално дизајнирано за постигнување поголема температура, додека другите биле помали и поскромни.

Овие откритија укажуваат дека луѓето во ледената доба имале напредно знаење за огнот и умееле да го контролираат според потребите. Сепак, останува нејасно зошто доказите за користење оган од тој период се толку ретки. Можно е климатските промени, честото замрзнување и топење на почвата да ги уништиле трагите, или пак луѓето во некои ситуации биле принудени да користат други начини за преживување.

Научниците се надеваат дека идните истражувања ќе дадат уште појасна слика за улогата на огнот во развојот на човечката цивилизација. Благодарение на неговата напредна и приспособена употреба, како што покажуваат и најновите откритија, нашите предци успеале да преживеат најтешки климатски предизвици и да се населат на речиси секој дел од планетата.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik