„Гугл“ и „Ербас“ вложуваат во изградба на вселенски катапулт

„Гугл“ и „Ербас“ вложуваат во изградба на вселенски катапулт

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска



„Алфабет“, компанија на „Гугл“, познатиот произведувач на авиони „Ербас“ и компанијата „Клејнер Перкинс“ одлучија да вложат 40 милиони долари во стартап-компанијата „Спинлонч“, која планира да изработи вселенски катапулт.


Вселенски катапулт на НАСА
(Фото: NASA)


Иако од „Спинлонч“ не сакаат прецизно да откријат каква технологија развиваат, ниту како ќе функционира таа, самото име на компанијата упатува дека најверојатно се работи за катапулт кој би исфрлал ракети во вселената.

Според информациите што протекоа во јавноста, „Спинлонч“ планира ракетата да ја врти во круг, слично како што прават фрлачите на кладиво, по што ќе ја испуштаат и ќе ја исфрлаат во вселената.

Својот систем го нарекле „кинетички систем на лансирање“, а според нивните планови, тој би користел обична струја за придвижување на ротацијата, што би го правел безбеден за околината затоа што би можел да користи обновливи извори за производство на потребната електрична енергија, а истовремено ракетите би можеле да носат поголем товар.

Иако од стартап-компанијата тврдат дека веќе направиле прототип кој функционира, не сакаат да откријат повеќе информации освен дека планираат да почнат со лансирањата до 2022 година.

Ако успеат да ја реализираат оваа амбициозна намера, во „Спинлонч“ планираат секое лансирање да го наплатуваат по околу половина милион долари, а нивниот систем би можел да лансира и по неколку ракети на ден.

За споредба, моментално компаниите што се занимаваат со испраќање ракети во вселената можат да лансираат по една ракета месечно, а целиот процес чини меѓу 2 и 10 милиони долари.

Ако успеат во своите намери, би можеле целосно да ја променат вселенската индустрија. Со оглед на тоа што стартапот собра сериозни средства од сериозни компании, се чини дека е на вистинскиот пат.