Полуматурантите и годинава навалија во гимназиите и во медицинско

Полуматурантите и годинава навалија во гимназиите и во медицинско

Посетивме неколку средни училишта во Скопје и се уверивме дека некаде родителите правеа поголем метеж отколку самите ученици

Средните училишта во Македонија ги отворија вратите за упис на средношколци во новата учебна година, а најголем интерес, како и во минатите години, има за гимназиите и за некои стручни училишта. Посетивме неколку средни училишта во Скопје и се уверивме дека некаде родителите правеа поголем метеж отколку самите ученици.
- Родителите сметаат дека доколку ги остават први документите за упис, тоа е гаранција дека нивното дете ќе биде примено - вели Илми Ковачи, професор од ДСМУГС „Д-р Панче Караѓозов“.


Холот во гимназијата „Јосип Броз-Тито“

Еден од родителите што со часови чекаа пред влезот на училиштето истакна дека неговата ќерка се запишуваа одејќи по стапките на својата тетка. Од друга страна, пак, има и такви на кои медицината им е љубов од мали нозе. Теона Ангеловска ни кажа дека токму поради тоа, ја одбрала насоката медицинска сестра техничар.
- Сместувањето во училишниот интернат е добар избор за оние што не се од Скопје. И локацијата е до самото училиште, но би требало условите за престој во интернатот да се подобрат – рече Ангеловска.
Во ова средно училиште за само неколку часа се исполнети предвидените места. Поголем дел од идните средношколци ни изјавија дека се запишале за медицински сестри, а голем беше интересот и за фармацевтски техничар.



Интерес за упис на насоките поврзани со компјутерска техника

Директорот на гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, Драган Арсовски, вели дека бројката на кандидати што доставиле документи до 12 часот е 285, а примаат само 262 ученика во осум паралелки.
- За разлика од лани, зголемен е интересот, но последните десет години бројката е иста. Независно од тоа колку ученици ќе се пријават, зголемување на квотата нема да има – додаде тој. Во средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ има интерес за упис на насоките поврзани со компјутерска техника. Денеска документи оставиле 150 ученици, што не било случај во 2017 година.
- Најголем афинитет се покажува кон компјутерска автоматика и енергетика. Ќе бидеме задоволни ако ја надминеме бројката од 200 ученици. Минатата година запишавме 193 ученици – вели Ефтим Пејовски, директор на СЕТУ „Михајло Пупин“.


Метеж пред средното медицинско училиште во Скопје

Зоран Николовски, директор на средното угостителско училиште „Лазар Танев“, објаснува дека интересот и оваа година не е мал, односно во првиот ден од уписниот рок се запишуваат најмногу ученици. Денеска до 12 часот се запишале повеќе од сто ученици. Сепак, и покрај тоа што гледано во проценти интересот се зголемува од година на година, бројката на запишаните ученици е мала.
- Бројот на запишани ученици во „Лазар Танев“ не е доволен доколку согледаме дека со самиот развој на угостителско-туристичката индустрија во земјава се зголемува и потребата од овој кадар. Запишани ученици има, меѓутоа, не толку колку што имаме места според квотите – вели Николовски.

Утре е вториот ден од јунскиот рок за упис во средните училишта во земјава, а слободни места има за 24.915 ученици. Резултатите ќе бидат објавени на 20 јуни.
Во јунскиот рок ќе има и второ пријавување и запишување на ученици на 28 јуни, а резултатите и слободните места ќе се објават наредниот ден. За учениците што се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, се организира втор уписен рок во август.

Подготвиле:
Теодора Цветковска и Бисера Трајковска