„Амнести интернешнл“ ги откри државите со најинвазивни апликации за следење на Ковид-19

„Амнести интернешнл“ ги откри државите со најинвазивни апликации за следење на Ковид-19

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Норвешка, Бахреин и Кувајт се земјите чии апликации за Ковид-19 се оценети како најинвазивни, односно дека најмногу ја нарушуваат приватноста на корисникот. Овие заклучоци се направени во истражување на „Амнести интернешнл“ во кое се оценувале апликации за Ковид-19 во земји од Европа, Средниот Исток и Северна Африка.

Апликациите за Ковид-19 на Норвешка, Бахреин и Кувајт се прогласени за најлоши во однос на приватноста бидејќи го следат движењето на корисниците речиси постојано со прикачување на ГПС-координати на централен сервер и имаат „инвазивен централизиран пристап“, со тоа претставувајќи закана за приватноста на корисниците, се вели во истражувањето.


Фото: Pixabay

Во истражувањето не биле вклучени земји во Азија или САД. Биле анализирани 11 апликации во Алжир, Бахреин, Франција, Исланд, Израел, Кувајт, Либан, Норвешка, Катар, Тунис и Обединетите Арапски Емирати.

Според истражувањето, апликациите на Бахреин, Кувајт и Норвешка користеле централизиран систем со кој се собираат податоци за локацијата на корисниците преку ГПС и се прикачуваат на централна база на податоци, а со тоа се овозможува следење на движењата на корисниците во реално време.

Сепак, Норвешка штотуку ја повлече својата апликација за следење на Ковид-19 и ги избриша сите податоци што биле собрани.


Фото: Pexels

Во истражувањето се посочува и дека апликацијата на Катар има опција за следење во живо на локацијата на корисникот, но таа моментално не се користи. Апликацијата на Катар содржела и друга слабост, која била поправена, односно ги изложувала личните детали на над еден милион луѓе, овозможувајќи им на хакерите да стигнат до податоци како броеви на лична карта и локација на корисникот. Апликацијата е задолжителна во Катар од 22 мај.

Во анализата стои и дека апликацијата на Бахреин е поврзана со емисија на национална телевизија во која им се доделуваат награди на лицата што останале дома за време на празниците. Исто така, властите објавиле лични податоци за потенцијалните носачи на Ковид-19 на интернет.

Автор: Елин Ју
Извор: zdnet.com