Како изгледа одењето на плажа во време на пандемија?

Како изгледа одењето на плажа во време на пандемија?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

По неколку месеци од појавата на пандемијата на коронавирусот во светот се намалуваат мерките за социјално дистанцирање и движење надвор од домовите и постепено се отвораат кафулињата, хотелите, па дури и плажите. Сепак, пред да ги спакувате торбите и да тргнете на плажа, треба да запомните дека многу плажи сега ќе имаат нови правила за да се зголеми безбедноста на посетителите.

Дронови во Флорида, САД

Полицијата во градот Дејтона Бич во Флорида користи дронови за да се осигури дека посетителите ја задржуваат физичката дистанца од другите. На дроновите има камери и звучници, па посетителите добиваат гласна порака доколку не ги почитуваат мерките за дистанцирање. На секој дрон има и камера со која може да се пресмета телесната температура на посетителите.


Фото: Pexels

Резервации во Шпанија

Оние што сакаат да ги посетат плажите на Канет ден Беренгер во Источна Шпанија мора прво да резервираат место преку бесплатна апликација за телефон. Ова нова правило треба да стапи во сила во текот на овој месец и целта е да се ограничи бројот на посетители на плажата во даден период. Освен тоа, плажите ќе бидат поделени на квадрати одделени со мрежа.

Дигитални апликации во Португалија

Како што се отвораат плажите во Португалија, властите работат на мерки и алатки што треба да ја зголемат безбедноста на домашните и на странските туристи. Португалската агенција за околината создала апликација која покажува колку луѓе има на секоја плажа во текот на денот. Со тоа туристите може да одберат да посетат некоја плажа на која нема многу луѓе. Освен тоа, спортот на плажа помеѓу двајца или повеќе луѓе не е дозволен.


Фото: Pexels

Ограничување на капацитетите во Њу Џерси, САД

Во Њу Џерси на плажите мора да се почитуваат мерки за физичко дистанцирање, се забранува спорт кој вклучува човечки контакт и организирани настани и ќе се одржува хигиената. Многу локали на плажите го ограничуваат бројот посетители. На некои места вработени лица прават контроли на плажите со тоа што проверуваат дали се почитуваат мерките.  

Задолжителни маски во Лос Анџелес, САД 

За да се намали ширењето на коронавирусот, Ерик Гарсети, градоначалник на Лос Анџелес, нареди задолжително носење на маски за лице за сите посетители на плажите. Маските не мора да се носат само додека посетителите се во водата.

Автор: Џенифер Налевицки
Извор: smithsonianmag.com