Немате време за читање? „Вацап“ наскоро ќе може да ги резимира вашите разговори

Немате време за читање? „Вацап“ наскоро ќе може да ги резимира вашите разговори

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

„Мета“ започна со тестирање на нова функција во „Вацап“ што треба да им заштеди време на корисниците - сумирање на долги разговори преку користење вештачка интелигенција. Новата опција, наречена „Резимирај со Мета АИ“ (Summarize with Meta AI), се појавува во индивидуални и групни разговори на андроид-уредите.

 

Според специјализираниот портал „Вабетаинфо“, копчето што ќе ви заштеди време е прикажано над незаштитените пораки во разговорот. Со негово притискање, „Мета АИ“ генерира кратко резиме на пропуштениот дел од разговорот.

Употребата на оваа опција е по избор. За да го активираат, корисниците ќе треба да овозможат „приватна обработка“ во поставките. Од „Мета“ објаснуваат дека ова е безбедно опкружување во кое пораките се обработуваат со употреба на вештачка интелигенција, но на начин на кој никој - вклучително и „Мета“ и „Вацап“ - не можат да пристапат до нив.


Сепак, постои и важна граница. „Вабетаинфо“ забележува дека вештачката интелигенција нема да функционира ако корисникот овозможи „напредна приватност на разговорот“ (Advanced Chat Privacy). 

„Мета“ работи и на асистент за пишување во „Вацап“, слична функција на „Напиши одново“ (Rewrite) што веќе постои на „Инстаграм“ за уредување пораки и описи.


Тестирање на резимирањето со помош на вештачка интелигенција се спроведува и на „Инстаграм“, каде што некои корисници веќе забележале нова опција. Сепак, од „Инстаграм“ посочуваат дека функцијата во моментов не е достапна за сите.

И покрај практичноста, искуствата со резимирањата досега не биле беспрекорни. „Википедија“ паузира слична функција по само еден ден од почетокот на тестирањето поради загриженоста на уредниците за веродостојноста. Во јануари, „Епл“, исто така, мораше да ги запре ваквите резимирања базирани на ВИ, а поврзани со вести, откако обезбедиле лажни информации. Ова поставува прашање колку имплементацијата на „Мета“ ќе биде точна и сигурна.

Извор: mob.hr

Фото: Freepik