Дали Путин е најбогатиот човек на светот?

Дали Путин е најбогатиот човек на светот?

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Рускиот претседател Владимир Путин можеби е најбогатиот човек на светот. Но, тоа не може да се потврди со сигурност. Според Кремљ, рускиот претседател заработува околу 133.000 долари годишно и живее во мал стан.

Сепак, тој опис не се совпаѓа со другите описи на животниот стил на Путин. Поранешниот руски владин советник Станислав Белковски процени дека неговото богатство е 70 милијарди долари, а Бил Броудер, критичар на Путин, смета дека богатството на Путин е околу 200 милијарди долари. Толку големо богатство би значело дека Путин е побогат и од основачот на „Амазон“, Џеф Безос, чие богатство „Форбс“ го проценува на 150,2 милијарди долари.

Еве неколку работи што посочуваат дека Путин е меѓу најбогатите луѓе во светот.

Како претседател на Русија, официјалната резиденција на Путин е Кремљ. Сепак, поголемиот дел од своето време тој го минува во владина резиденција надвор од градот, наречена Ново-Огарјово.

Наводно Путин има пристап до 20 различни палати и вили.

Фото: Business Insider

Официјалните досиеја објавени во 2016 година од страна на Кремљ покажуваат дека тој поседува мало земјиште и стан со гаража. Сепак, со текот на годините рускиот претседател беше поврзуван и со друг имот. Најконтроверзниот е таканаречената тајна палата, која наводно е изградена за негови лични потреби, а со масовна и илегална употреба на државни пари. Изградбата на оваа палата наводно чини една милијарда долари. Во неа има приватен театар и хелидром на кој може да собере три хеликоптери.

Спалните соби се грандиозни.

Фото: Business Insider

И уметноста на ѕидовите исто така е раскошна.

Фото: Business Insider

Во 2011 година се појавија фотографии од палатата која тогаш сѐ уште беше вo изградба. Следната година опозицискиот лидер и критичар на Путин, Борис Немцов, објави досие во кое тврдеше дека Путин има неколку приватни авиони, хеликоптери и јахти. Според Немцов, од 20-те државни резиденции до кои Путин има пристап, девет биле изградени во периодот додека тој е претседател.

Рускиот претседател беше обвинет и дека поседува 58 различни типа авиони. За еден од авионите се вели дека има кабина од 11 милиони долари и тоалет од околу 100.000 долари. Во овој авион може да собере 186 патници, а Путин е обвинет дека поседува пет такви.

Фото: Business Insider

Се вели и дека Путин има колекција од четири јахти, а секоја од нив влече илјадници долари за одржување. „Росија“, една од неговите јахти, беше надградена во 2005 година, наводно, по цена од 1,2 милијарда долари. „Грациозната“, друга негова јахта, која е прикажана на сликата, наводно има шест спални соби.

Фото: Business Insider

Тука е и „Олимпија“. Путин наводно ја добил оваа луксузна јахта долга 57 метри и вредна 35 милиони долари од олигархот Роман Абрамович.

Според досието од 2012, Путин има 11 часовници со проценета вредност од 687.000 долари. Според руските медиуми, тој поседува и еден часовник, производство на „А. Ланге & Шоне“, кој чини половина милион долари.

Фото: Business Insider

Тука е и облеката. Путин сака костуми направени по мерка, чија почетна цена е околу 5.500 долари. Рускиот претседател наводно има и личен стилист кој го облекува веќе десет години.

Фото: Business Insider

Во 2015 година беше објавена фотографија од Путин како вежба. Беше проценето дека облеката што ја носи чини околу 3.200 долари.