Африка полека се разделува на два дела формирајќи нов океан

Африка полека се разделува на два дела формирајќи нов океан

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во едно од најтоплите места на Земјата, покрај сувото подрачје на регионот Афар во Источна Африка, може да застанете на точката под која се раздвојува континентот. Овој пуст простор се наоѓа врз три тектонски плочи кои многу полека се оддалечуваат една од друга. Тоа е сложен геолошки процес за кој научниците велат дека на крајот ќе ја подели Африка на два дела и ќе создаде нова океанска шуплина по милиони години.

Засега, најочигледниот доказ за ова е пукнатина долга 56 километри во пустината во Етиопија. Тектонските движења на африканскиот континент се истражувани повеќе децении, а нови сателитски мерења им помагаат на научниците подобро да ги разберат промените и овозможуваат истражување на постепеното раѓање на нов океан во ова уникатно место.


Фото: Wikipedia

- Ова е единственото место на Земјата на кое може да истражувате како континенталниот расцеп станува океански расцеп - вели Кристофер Мур, докторанд на Универзитетот во Лидс, Велика Британија, кој ја набљудува вулканската активност во Источна Африка, која се поврзува со раздвојувањето на континентот со помош на сателитски радар.

Се смета дека новиот океан во Африка ќе се формира за најмалку 5 милиони до 10 милиони години. Земјината кора е составена од 12 големи тектонски плочи кои се неправилно обликувани карпести плочи што постојано се удираат или се оддалечуваат едни од други.

Арапската плоча се оддалечува од Африка последните 30 милиони години. Овој процес ги создал Црвеното Море и Аденскиот Залив. Но, сомалиската плоча исто така се оддалечува од нубиската плоча.


Фото: Pixabay

Сè уште не се знаат многу работи, на пр., што предизвикува континентот да се распадне. Некои мислат дека огромни загреани карпи кои се издигнуваат под Источна Африка се причината за овој процес. Синтија Ебинџер, геолог на Универзитетот „Тулејн“ во Њу Орлеанс, смета дека притисокот е ослободен од магма која се издигнува од внатрешноста на Земјата.

Која и да е причината, овие промени ќе го сменат обликот на Африка во иднина. Сите движења на плочите во регионот се одвиваат со различни брзини, па не може да се предвиди многу. Но, заедно, овие сили ќе создадат океанска шуплина и последователно нов океан во далечна иднина, а овој дел од Источна Африка ќе стане посебен мал континент.

Според научниците, арапската плоча се оддалечува од Африка просечно 3 сантиметри годишно, додека двете африкански плочи се разделуваат уште побавно, од 0,5 до 1,3 сантиметар годишно.

Автор: Дениз Чау
Извор: nbcnews.com