Марија Стојаноска дипломира со просек 9,67 на Техничкиот факултет во Битола: „Инженерскиот прстен“ е крунисување на нашиот труд

Марија Стојаноска дипломира со просек 9,67 на Техничкиот факултет во Битола: „Инженерскиот прстен“ е крунисување на нашиот труд

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Марија е дипломиран сообраќаен инженер, постдипломец и демонстратор на Факултетот и сака знаењето да го сподели со студентите.

Сообраќајната култура во Македонија е на многу ниско ниво, а како резултат на тоа имаме и ниска сообраќајна безбедност, вели Марија Стојаноска од Прилеп, дипломиран сообраќаен инженер и постдипломец на Техничкиот факултет од Битола, една од 12. најдобри студенти на инженерските факултети во земјава на кои претседателот Стево Пендаровски им го додели признанието „Инженерски прстен“.

Стојаноска, како млад дипломиран кадар, а сега и постдипломец на Техничкиот факултет, има голема желба со своето знаење да придонесе за подигнување на нивото на сообраќајна култура, особено кај младите.

- Промените мора да се направат темелно, со планирање на сообраќајот, со висококвалитетно моделирање на транспортната побарувачка за која се поборници моите предметни професори. Потребна е зголемена едукација на децата уште во претшколска возраст, воведување предмети во основно образование за тоа како треба да се однесуваат децата во сообраќајот, со што тие ќе се стекнат со знаење за сообраќајните правила и прописи, а притоа ќе се намали бројот на незгоди во кои учествуваат деца – пешаци или велосипедисти - вели Стојаноска.



Да се намалат сообраќајните незгоди предизвикани од неискуство


Марија се залага за воведување построги услови за стекнување право за управување со моторно возило и казни за возење без дозвола со цел да се намалат незгодите предизвикани поради неискуство. Поголема контрола, кампањи за подигнување на свеста кај учесниците во сообраќајот и низа други подобрувања.

Уште од мала знаела што сака да стане кога ќе порасне - сообраќаен инженер. Така, средно образование завршила како техничар за патен сообраќај во СОУ „Ристе Ристевски- Ричко“ во Прилеп. Желбата да се надградува и сѐ повеќе да навлезе во сообраќајната проблематика ја натера изборот за студирање пред пет години да го направи на Отсекот за сообраќај и транспорт на Техничкиот факултет во Битола, насока сообраќајно-транспортно инженерство. Заврши како најдобар студент во нејзината генерација и дипломира лани со просек 9,67.

- Искрено, никогаш не се борев за просек, со многу учење, вложено време и труд, висината на оценката сама си доаѓаше. Напорно учење да, но откажување од други работи немав, освен сведување на минимум во оние периоди кога беа колоквиумски и испитни сесии - вели прилепчанката.




Знаењето станува поголемо кога се дели со студентите

Веднаш по дипломирањето запишала постдипломски студии на истата насока на Техничкиот факултет. Не сакала да има прекини во образованието зашто смета дека е потребно кадрите да се надградуваат, а не тој процес да заврши со дипломирањето. Изборот и за постдипломски падна на Техничкиот факултет, на истата насока како и студирањето, зашто смета дека оваа образовна институција поседува висококвалитетен кадар и добар избор на предмети со кои сѐ повеќе се навлегува во сообраќајното инженерство. Веќе е демонстратор на Отсекот за сообраќај и транспорт на истиот факултет и им го пренесува стекнатото знаење на студентите.

- Тука не застанувам и ќе продолжам да се надградувам со чекорење по патот кој ме исполнува и ме прави среќна, пишување трудови, изработка на проекти и споделување на знаењето зашто само кога тоа се дели, не се потрошува, туку напротив станува поголемо. Мојата желба е работа во образовниот процес, научноистражувачка работа, како професор. Планирам да останам во земјава и тука да си ја остварам желбата - вели Стојаноска.



Инженерскиот прстен е крунисување на нашиот труд


Признанието „Инженерски прстен“ што ѝ го додели Пендаровски го доживува како вклучување во елитата на најдобрите инженери во државата.

- Инженерскиот прстен не е само награда, тоа е еден вид признание преку крунисување на трудот, работата и, пред сѐ, нашето знаење, прифаќање и вклучување во елитата на најдобрите и најуспешните инженери во државата. Препознавање од околината на нашиот квалитет. Успех да се биде најдобар од сите студенти на факултетот. Заокружување на една целина и почеток на нов личен развој. Претседателот Стево Пендаровски ни препорача да не се откажуваме затоа што ние, инженерите, сме движечка сила на секоја држава - додаде Стојаноска.



На идните студенти им порачува да го студираат она што ги исполнува, а оние што сонуваат да бидат инженери, имаат голема привилегија идејата да ја претворат во реалност.

- Студирајте го она за кое имате желба и ве исполнува бидејќи и највисоките планини се совладуваат кога во себе носите љубов кон она за кое сонувате. Патот воопшто не е тежок кога се образовате во престижни факултети со високообразовани и стручни кадри, современи студиски програми, повеќе пракса и вработувања. Секој човек замислува каков би сакал да биде светот во кој живее, но инженерот ја има можноста и привилегијата таа замисла да ја претвори во реалност - вели најдобрата дипломирана студентка од Техничкиот факултет во Битола од минатогодишната генерација.

Фото: приватна архива