Идните биолошки оружја ќе убиваат луѓе со одредена ДНК

Идните биолошки оружја ќе убиваат луѓе со одредена ДНК

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во иднина можеби ќе мораме да се справуваме со биолошко оружје кое таргетира одредени групи луѓе, одминувајќи ги другите, покажува нов извештај на Центарот за проучување на егзистенцијалниот ризик при Универзитетот „Кембриџ“.

Истражувачите наведуваат во извештајот дека владите низ светот не успеале да се подготват за футуристичките оружја базирани на напредна технологија, како вештачка интелигенција и генетичка манипулација или дури патоген-убиец создаден да убива само луѓе од одредена раса.

Во извештајот се повикува на создавање независни групи за да ги оценат ризиците од неколку идни технологии и да откријат кои протоколи се во функција за заштита на луѓето.

- Технологијата станува сè пософистицирана за помала цена, демонстрирајќи ја способноста да наштетува побрзо и посмртоносно. Во особено лош случај биооружјето може да биде направено за да се таргетира одредена етничка група врз основа на нејзиниот геномички профил - наведуваат авторите на извештајот.

На крајот истражувачите заклучуваат дека не можеме да си дозволиме да чекаме тие оружја да станат реалност пред да преземеме нешто во врска со нив.