Дигиталната технологија ни е чамец за спасување во новата учебна година, вели Бранка Костиќ-Марковиќ

Дигиталната технологија ни е чамец за спасување во новата учебна година, вели Бранка Костиќ-Марковиќ

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

За проблемите се разговара во мир, а во „војна“ се активира антикризниот план и подготвено се влегува во борба со непријателот, во случајов со Ковид-19.

Заедно со уште 3.000 родители, етномузикологот Бранка Костиќ-Марковиќ преку петиција даде поддршка за онлајн-настава во новата 2020/2021 учебна година. Таа е еден од над 12.000 родители што членуваат на фејсбук-групата „Поддршка за онлајн-настава“, кои посакуваат нивните деца да учат на далечина и го ставаат здравјето, пред сѐ.


Јавно давате поддршка за онлајн-настава. Зошто сметате дека тоа е подобар модел за децата од класичното физичкото присуство во училница на децата?

- Станав активна во групата „Поддршка за онлајн-настава“ откако се свестив дека деновите од летото поминуваат, а никој од надлежните не излегува со информации што се подготвува како стратегија за новата училишна година, во услови кога епидемиолошката состојба во земјава е една од најлошите во светот. За среќа, имаше и такви родители, како мајките што ја формираа оваа фејсбук-група, кои порано од мене станале свесни за проблемот и кои веќе активно имаа регрутирано голем број истомисленици околу себе. Денес групата веќе брои над 12.000 члена, а петицијата што ја покрена групата е потпишана од над 3.000 луѓе. Во името на сите членови беше доставено и барање до надлежните институции, каде што е објаснета причината за нашето екипирање, стравовите од неподготвеноста на државата за нормален (во услови на криза) почеток на училишната година и нашите предлози за продолжувањето на образованието на нашите деца соодветно состојбата со коронавирусот. Добро е што барем има луѓе што се подготвени да го кренат својот глас и да покажат проактивност и цврста волја да помогнат.

Бранка со сопругот Младен и синот Марко

Дигиталната технологија е веќе одамна дел од нашите животи, но, за жал, има и такви луѓе за кои сѐ уште е мислена именка. Какво е оправдувањето на македонските образовни институции што не се потрудиле да ја имплементираат дигиталната технологија во својата дејност, па макар таа им служела и само како помошна алатка? Сега ли ќе се објаснуваме зошто во Цветово има полски тоалети, додека некои деца имаат услови да одат во супермодерни приватни училишта? Требаше ли да се случи пандемија за да ги отвориме сите болни прашања на нашиот образовен и здравствен систем, на нашите институции, воопшто? За проблемите се разговара во мир, а во „војна“ се активира антикризниот план и подготвено се влегува во борба со непријателот, во случајов со Ковид-19. А државата нека не глуми емпатија сега, туку нека си ги засука ракавите и нека се зафати со обезбедување нормални услови за живот за секој еден граѓанин, за секое едно дете, а другите нека ги мотивира да грабаат напред и да ни го унапредуваат општеството.


Родителите се револтирани што немаат одговори од надлежните за тоа како нивните деца ќе учат во новата учебна година, затоа што тоа реално подразбира приспособување и за родителите. Ви смета ли неизвесноста?

- Несигурноста ги прави луѓето нетрпеливи. Никој досега не излезе да ги образложи сите можни модели на настава, да ги сослуша наставниците, родителите, експертите од доменот на ИТ-технологијата. Сакам да верувам дека врвен приоритет на сите нас ни е здравјето, но мораме да имаме разбирање и за загриженоста на родителите што работат во фабрика, оние што немаат редовно вработување, оние што се во приватниот сектор и можат за миг да завршат на улица. Сите тие мораат да се организираат. Ние во групата сакаме цврсти докази за сѐ што ни се пропагира, наметнува и советува. 

Бранка Костиќ-Марковиќ

Ја гледав последната прес-конференција на министерот за образование и наука Арбер Адеми и не можев да поверувам во тоа што го слушнав. На само две седмици пред почетокот на училишната година рече дека не можеле да прават ништо затоа што епидемиолошката слика во земјава се менувала од ден на ден и не се знае каква ќе биде на 1 септември?! Се чекало и да почне да работи новиот парламент, да се сменеле законите?! Страшно. Тоа не смее да биде пречка што досега не ги видовме трите образовни модели за кои се зборува, да ги видиме подготвените содржини за онлајн-настава, безбедносните протоколи на терен. Зарем досега не требаше да се распишани тендерите за средства за дезинфекција, да се обезбедат маски, топломери, УВ-ламби, сертифицирани сервиси за темелно чистење, испечатени патокази за движење и одржување на растојание? Каде се анализите за безбедни санитарни средства за детска возраст? Каде е презентирана комбинирана настава? 

Што правеше ресорното министерство овие пет месеци, ако и денес се чудат и наставниците и родителите што да очекуваат? Каде е таа фамозна анкета за онлајн-наставата, за која ретко кој се сеќава дека е спроведена? Сега ли се сетивме дека нема исправни чешми, дека чучниците пливаат во фекалии, дека наесен и назима редовно се бориме со вируси, бактерии, мрси и жолтици? И конечно, зошто како родител да ја преземам одговорноста на образовните и здравствените власти? Мислам дека е крајно време да сме на јасно чии се заслугите, но и одговорностите. А дигиталната технологија да не ја гледаме само како чамец за спасување од опасното аналогно живеење, туку како сојузник. Срамота е да сме на маргините на дигиталната функционалност, а на времето бевме први во регионот по интернет-покриеност на целата територија. И срамота е да сме колективно оценети како функционално неписмени.

Бранка Костиќ-Марковиќ (фото: Маја Аргакијева)


Какво беше Вашето искуство со наставата на Вашето дете во пандемискиот период?


- Мојот син заврши второ одделение. Цело време за овие две години сме во дослух со наставничките на Марко, но и со родителите на неговите соученици, со кои сме во постојан контакт преку заедничка вибер-група. Секогаш сме биле информирани за содржините што ги обработуваат во училиште и секогаш сме се труделе да му ги разјасниме низ призмата на обичното секојдневие, во практика, на терен. За жал, работите не зависат само од тројството ученик – наставник – родител, туку многу нешта зависат и од раководството на училиштето, општините, Министерството. Нашето образование е далеку од совршено и далеку од унифицирано, а со тоа и праведно. Дури ниту во рамките на едно училиште немате еднаков пристап и еднаков квалитет на наставата. Но, за среќа, ние како родители и нашиот син имаме навистина добри наставнички, кои многу брзо реагираа и се снајдоа во новата ситуација. Имаа чувство како да ја адаптираат наставата на сите предизвици за кои реално сите бевме неподготвени и таа да почне непречено и во континуитет да функционира.

 

Тоа беше практично посредна онлајн-настава, преку размена на задачи и одговори на платформата „Гугл класрум“. Секако, еден дел од содржините беа позајмени од „Јутјуб“, на туѓи јазици, а би требало Министерството за образование и Бирото за развој на образованието да подготват и искреираат такви материјали што ќе им бидат на располагање на наставниците и во редовната програма, а ќе имаат регулирани авторски права или ќе бидат органски ресурси на нашиот образовен систем. Но, ова што го добивме како брза реакција беше навистина од голема помош и на радост и задоволство на децата.

Јас имам едно дете, па можам да замислам колку посложено им беше на родителите со две и повеќе деца, на родителите што мораа да присуствуваат физички на работните места, на оние што се на места на кои немаа замена, на самохраните родители, на родителите на децата со хронични болести, атипичен развој и пречки од кој било вид, на оние што останаа без финансиски приливи, на тие што се грижеа и за своите возрасни родители. Она што мене како родител ми беше особено важно е што и лично се јавуваа да прашаат дали имаме проблеми, како се снаоѓаат учениците и неизоставно да ни посакаат добро здравје.

Ние поминавме и низ една голема лична ментална и здравствена криза, заклучени 16 дена во четири ѕида поради мојот позитивен тест. За среќа, поминав асимптоматски, но верувајте ми дека не ми беше воопшто пријатно секој ден да се будам во исчекување на некој симптом, стравувајќи за тоа што ќе се случи, ако се случи сериозно да се разболам и да завршам во болница, под стеги со маска да не ги заразам сопругот и синот, стравувајќи да не ги изложам и моите родители на ризик со тоа што тогаш мојата грижа за нив се сврте во нивна грижа кон мене. Инаку, живееме во мал стан без тераса и во овој период на пандемија целосно му го подредивме на Марко. Нашиот дом повеќе личи на игротека и училница отколку на стан за домување. Книгите и друштвените игри се насекаде, библиотеката е и така на средината и ни го двои дневниот простор од останатите делови, малото тонско студио, би рекла повеќе музичко катче полно со инструменти и продуцентски помагала на мојот сопруг е во едно ќоше од дневната, а во едно друго ќоше од трпезаријата се контејнерите со играчки и малата табла со разнобојни креди. За некого хаос, за нас креативен простор, во кој Марко ужива и во кој неосетно напредна во развојот колку за неколку години пред тоа.

Зад сето тоа стои многу волја и работа. Среќа што и јас и татко му цел живот вложуваме во нашето знаење, што компјутерите ни се нормален партнер во нашите професии, што и кога не бевме во пандемијава, голем дел од работите ги извршувавме преку нив.