„Акуведр“: Европа ја очекува потопла есен, дождовите ќе дојдат подоцна

„Акуведр“: Европа ја очекува потопла есен, дождовите ќе дојдат подоцна

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ова лето Европа беше погодена од рекордно високи температури, долготрајна суша и разорни пожари. Затоа, сите едвај чекаат дожд и нормализација на времето. Метеоролошката веб-страницата „Акуведр“ ги објави очекуваните временски услови за оваа есен.

Според неа, преминувањето од лето во есен можеби нема да се забележи во многу делови од Европа бидејќи се очекува потопло и посуво време на почетокот од есента. Дождот се очекува подоцна есенва во неколку земји, а понормално време се очекува дури во ноември.

Метеоролозите очекуваат оваа есен невремињата да ја заобиколат Централна Европа поради посувото време од вообичаеното. Посилни дождови може да се очекуваат дури во вториот дел од есента.

Југоисточна Европа

Најразновидни временски услови оваа есен ќе има во југоисточните делови од континентот, како Грција и балканските држави. Според метеоролозите, овој регион прво ќе биде погоден од топлотен бран, а подоцна може да се очекува разладување, кое може да пристигне порано од Западна Европа.

Доколку продолжи натпросечното топло време, а температурата на водата остане висока, може да се зголемат шансите и за појава на невремиња создадени од топлите води на Средоземното Море. Овие невремиња може да донесат силни ветрови и дожд.

Извор: Klix
Насловна фотографија: Pixabay