Лепенка-сензор го мери холестеролот од потта

Лепенка-сензор го мери холестеролот од потта

Истражувачи создадоа сензор за пот кој овозможува континуирано неинвазивно мерење на холестеролот.

Ако редовно посетувате лекар, голема е веројатноста дека сте направиле анализа на липидите и дека во лабораторија ви зеле крв. Резултатите му кажале на вашиот лекар за вашите нивоа на холестерол и триглицериди, фактори кои играат улога во дијагностицирањето кардиоваскуларни болести и дијабетес.

Тим предводен од Веи Гао, професор на Одделот за медицински инженеринг на Калтех, создаде лепенка-сензор што може да ги собира истите вредности на липиди со анализа на потта. И тоа може да го прави континуирано.

Новиот неинвазивен сензор користи машинско учење за процена на нивото на липиди во крвта врз основа на она што се мери во потта. Односот меѓу липидите во потта и липидите во крвта не е линеарен бидејќи дијаграмот на односот меѓу мерењата и она што се наоѓа во крвта не следи права линија. Моделот на каузално машинско учење зема предвид различни физиолошки фактори кои можат да влијаат врз тие мерења на потта, како што се индексот на телесна маса (БМИ), полот и колку лицето се поти, за да се добие проценка на нивото на липиди во крвта.

Гао и неговите колеги ги опишуваат новиот уред за профилирање на липидите и резултатите од претклиничките испитувања на 24 учесници во трудот објавен во списанието „Нејчр сенсорс“.

Гао вели дека уредот што се носи би можел да игра важна улога во раното предупредување на луѓето за кардиоваскуларни или метаболички болести. -Колку луѓе всушност редовно вадат крв? Јас тоа не сум го направил барем две години. Затоа мислиме дека неинвазивниот начин на следење на липидите ќе биде клучен - вели Гао.


Тимот на Гао претходно разви неинвазивни тестови за глукоза и мочна киселина, но тој вели дека континуираното откривање на липидите претставува поголем предизвик. На пример, поголемиот дел од холестеролот во потта е присутен во хемиска форма наречена естерифициран холестерол, кој не може директно да се открие.

Затоа, истражувачите развија ензимска реакција во два чекора. Првиот чекор го претвора естерифицираниот холестерол во слободен холестерол, а вториот го оксидира слободниот холестерол за да се создаде водород пероксид, кој потоа може да се мери со сензор.

Исто така, морале да пронајдат начин да ја заробат резервата на АТП (аденозин трифосфат), примарниот извор на енергија на клетката, во посебен полимер вграден во фластерот што се носи. На тој начин АТП би можел постепено да се ослободува во потта на корисникот, овозможувајќи му на полимерниот систем да одржува резерва на АТП потребна за детекција на триглицеридите подолго од 20 часа.

Извор: vidi
Фото: принтскрин/инстаграм