ФСС на Економскиот факултет бара субвенции за сите студенти на државните универзитети

ФСС на Економскиот факултет бара субвенции за сите студенти на државните универзитети

Подготвил: С.Ѓ.

Лектор: Ивана Кузманоска

Факултетското студентско собрание на Економскиот факултет бара од Владата и од ресорните министерства за образование и наука и за финансии субвенционирање на сите дополнителни трошоци со кои студентите на сите државни универзитети во земјава се соочуваат во текот на своето студирање. Една недела немаме никаков одговор. Нема одговор ни за првично побараната средба каде што сакаме темелно да ги изнесеме нашите ставови, рече Илија Колев, претседател на ФСС на Економскиот факултет на прес-конференција што се одржа денеска. 

 Барањата се однесуваат на два вида трошоци. Тоа се трошоците со кои се соочуваат студентите при упис на семестарот, со исклучок на партиципацијата - за книжен фонд, лабораториски вежби и трошоците со кои студентите се соочуваат во текот на семестрите, а значат редовно и континуирано извршување на обврските - за пријави, потврди, уверенија, инструменти за лабораториски вежби, макети итн.

Илија Колев, претседател на Факултетското собрание на Економскиот факултет - Скопје

- Државата едноставно мора да ги зголеми средствата за образование и наука. Во 2017 и 2018 година за истражувања и развој беа издвоени околу 0,30% од БДП. Процентот за наука мора да се движи кон 2% од БДП. Факултетите се оставени на цедило, а најголемиот товар паѓа врз грбот на студентите. Ние сме колатералната штета. Ги повикуваме професорите, асистентите, сите студенти и целокупната академска заедница да застанеме цврсто кон остварување на овие барања, кои се инвестиција во иднината. Инвестиција која десеткратно повеќе ќе ни се исплати - вели Колев.

Студентите од Економскиот факултет предлагаат тие средства да бидат префрлани на „Домашната платежна картичка“.