Студентката што ѝ се спротивставува на монархијата на Тајланд

Студентката што ѝ се спротивставува на монархијата на Тајланд

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во август 21-годишната Панусаја Ситиџираватанакул одржала говор против монархијата кој може да ја однесе во затвор. Таа прочитала декларација со 10 точки напишани од студенти и академици во која се бараат реформи на монархијата во Тајланд. Тоа било шокантен потег.

Жителите на Тајланд од раѓање учат да ја почитуваат и да ја сакаат монархијата, но и да се плашат од последиците доколку зборуваат против неа. Тајланд е една од ретките земји каде што постои закон според кој секој што го критикува кралот, кралицата, наследникот или регентот може да добие казна затвор до 15 години. Но во последните неколку месеци земјата е зафатена од продемократски протести што ги водат студентите.

- Знаев дека мојот живот никогаш нема да биде ист - изјавила Панусаја за Би-би-си мислејќи на својот говор.


Фото: Facebook

Панусаја ја видела декларацијата неколку часа пред да ја прочита на голем протест во Бангкок. Во декларацијата се барало од монархијата да преземе одговорност за одбраните институции и да се воздржи од мешање во политиката, а имало и предлог за кратење на кралскиот буџет. Ова се шокантни барања за повеќето жители на Тајланд.

- Ми ја покажаа декларацијата и ме прашаа дали сакам да ја користам. Во тој момент сите сметаа дека содржината е многу силна, а и јас мислев така. Решив да бидам личноста што ќе го каже тоа - изјавила Панусаја.

Додека била на сцената, кажала пред толпата дека сите луѓе имаат црвена крв и никој на светот не е роден со сина крв.

- Некои луѓе можеби се родени со поголема среќа од другите, но никој не е роден поблагороден од другите - кажала таа.


Фото: Facebook

Говорот на Панусаја бил примен со аплауз од либералните академици и осуда од медиумите финансирани од кралството. Во следните денови жителите на Тајланд зборувале за говорот на социјалните мрежи, а некои ја обвинувале дека е манипулирана од политичари, што таа го негирала.

Но Панусаја вели дека дури и како дете се прашувала за положбата на кралското семејство во тајландскиот живот. Таа покажала интерес за политиката на млада возраст. Во средно училиште дискутирала за политички теми со пријателите. Но таа била срамежливо девојче, а се променила откако поминала пет месеци во САД  на студентска размена.

Таа се активирала политички откако почнала со студиите на престижниот универзитет „Тамасат“. По две години станала дел од политичка партија на студентски сојуз. Во февруари била дел од организацијата на протест.

Инспирацијата да стане дел од големите протести во текот на летово била поттикната од повеќе работи. Меѓу другото, кралот Маха Ваџиралонгкорн, кој го наследил престолот во 2016, ретко е во јавноста и поголемиот дел од времето е во странство, особено за време на пандемијата. Во Тајланд имало и повеќе скандали со корупција.

Тајландската влада вели дека дозволува критицизам, но студентите се плашат за нивната безбедност. Од 2014 година, кога имало пуч, исчезнале најмалку девет активисти што ја критикувале владата. Телата на двајца од нив биле пронајдени на брегот на една река.


Фото: Facebook

Панусаја вели дека властите ја следат од ноќта кога ја прочитала декларацијата.

- Иако се во обична облека, можам да препознам дека се од полицијата бидејќи ја имаат истата фризура и секогаш прават фотографии од мене на јавни места - вели таа.

Панусаја сè уште не е уапсена, ниту обвинета дека зборувала против кралството. Полицијата издала налог за апсење под обвинение за бунт, ширење лажни информации и кршење на правилата за физичко растојание. Само обвинението за бунт може да ѝ донесе на Панусаја затворска казна до седум години. Таа имала несогласувања и со мајка си, која се плашела за неа, но подоцна попуштила и ѝ дозволила да продолжи со активизмот.

Панусаја сега се подготвува за протест што треба да се одржи на 19 септември. Ментално, таа се подготвува за затвор. На протестот ќе се побараат повеќе реформи во монархијата, армијата, уставот и во образованието.

- Мислам дека мајка ми мора да разбере дека не го правиме ова за забава. Ова е сериозно и мора да го направиме. Го гледаме како наша должност, па затоа мора да разбере. Сакам таа да биде горда - вели Панусаја.

Извор: Би-би-си