Луѓето главно ги слушаат оние со кои имаат исто мислење

Луѓето главно ги слушаат оние со кои имаат исто мислење

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Луѓето главно ги слушаат луѓето што им го кажуваат она што и самите го мислат или во кое веќе веруваат, а ги игнорираат оние што им кажуваат работи што не сакаат да ги слушнат, се вели во истражување на научниците од „Оксфорд“.

Една студија од списанието на Европската економска асоцијација, објавена од „Оксфорд јуниверсити прес“, укажува на фактот дека таквото однесување ги прави луѓето уште попристрасни во размената на верувања.

Би било разумно луѓето да донесуваат одлуки само врз основа на докази и искуство, но претходните истражувања покажуваат дека одлучувањето честопати е под влијание на „мотивирани верувања“.

Имено, луѓето веруваат во некои работи делумно затоа што сакаат да бидат вистинити, без разлика дали се вистинити.

„Мотивираните верувања“ создаваат сериозни предрасуди, па затоа се веруваше дека овие верувања се објаснување за ширење дезинформации на интернет. Ваквите верувања може да го објаснат и развојот на финансискиот пазар.

Постојат многу објективни информации достапни во врска со финансиските пазари, но групното донесување одлуки и стимулации може да резултираат со таканаречени меурчиња и создавање финансиска нестабилност.

prijateli
Фото: Freepik

Научниците користеле експерименти за да истражат дали таквите предрасуди во верувањата стануваат уште подрастични кога луѓето ги споделуваат меѓу себе.

Тие ги усогласиле паровите врз основа на нивните резултати на тестови за интелигенција, така што и двајцата имале натпросечна или потпросечна интелигенција.

Учесниците во истражувањето размениле верувања за предлог за кој двете страни сакале да веруваат дека е вистина - на пример, дека и двајцата се во група со висока интелигенција.

Експериментот покажа дека луѓето што биле песимистични во врска со тоа дали спаѓаат во високоинтелигентна група станале значително пооптимистични кога разменувале верувања со оптимистичен соговорник.

Од друга страна, оптимистичната личност генерално не ги менува верувањата ако од друга страна е песимистична личност. Овој ефект се покажа особено силен за учесниците во студијата кои биле во потпросечната интелигентна група.

Генерално, резултатите посочуваат дека се зголемува пристрасноста бидејќи луѓето селективно им доделуваат поголема информативна вредност на социјалните сигнали кои го поддржуваат нивното верување.

Меѓутоа, на половина пат од експериментот, истражувачите им дадоа на испитаниците непристрасни информации за тоа во која група се, што се покажа како многу ефикасно во отстранување на пристрасноста што произлезе од првичната размена на верувања.

Овие резултати покажуваат дека обезбедувањето непристрасен и сигурен извор на информации може да ги намали „мотивираните верувања“.

Извор: Nezavisne.com
Фото: Pixabay