Дали е поздраво да имате исхрана според крвната група? Еве што велат експертите

Дали е поздраво да имате исхрана според крвната група? Еве што велат експертите

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Постојат докази дека крвната група влијае врз здравје. Општото здравје на срцето е еден пример, бидејќи Американското здружение за срце откри дека луѓето со крвна група А, Б или АБ имаат поголема веројатност да доживеат срцев удар отколку оние со О.

Сепак, не постојат само добри вести за оние со крвна група О. Друга студија спроведена во 2019 година заклучи дека луѓето со крвна група О имаат поголема веројатност да бидат попривлечни за комарците.

Исто така, постојат луѓе кои веруваат дека одредена исхрана заснована на вашата крвна група може да доведе до подобро здравје и намален ризик од одредени болести. Оваа нутритивна филозофија беше популаризирана од лекар натуропат по име д-р Питер Д'Адамо и опишана во неговата книга од 1996 година, „Јади правилно за твојот тип“. Водичот за исхрана се најде на листата со бестселери на „Њујорк тајмс“ и оттогаш е продаден во милиони примероци.

Но, дали промената на вашата исхрана врз основа на вашата крвна група ќе ве направи поздрави? Науката што стои зад водичот на Д'Адам во голема мера е непотврдена до ден-денес. Новинарката на „Синет“ разговараше со Ана Риос, регистриран диететичар нутриционист, за планот на исхрана и за сите придобивки или можни опасности поврзани со диетата според крвната група.

Општата поента на исхраната поврзана со крвната група е дека постои оптимална храна за луѓе со различни крвни групи: О, А, Б и АБ. Дел од тоа тврдење се заснова на идејата дека крвните групи служат како мапи на историјата и генетиката на нашите предци и дека храната што вообичаено ја јаделе нашите предци е подобра за нашето тело.

Подолу е даден преглед на четирите главни крвни групи и она што Д'Адамо тврди дека е најдобриот тип на диета за секоја од нив.

Крвна група А: земјоделец или култиватор. Според Д'Адам, оние со крвна група А треба да избегнуваат месо, особено црвено месо, и да јадат растителна храна - свежо овошје, зеленчук, мешунки и цели зрна. Поради „почувствителниот имунолошки систем“, луѓето со крвна група А треба да избегнуваат преработена храна и да се одлучат за органска храна секогаш кога е можно.

Крвна група Б: Д'Адамо ги нарекува номади луѓето со крвна група Б. Ним им се препорачува да јадат растенија, но и најмногу месо (освен пилешко). Диетата предупредува да не се јаде пченка, пченица, домати, кикиритки и одредени семиња.

Крвна група АБ: Луѓето со крвна група АБ, или „енигми“ како што ги нарекува Д'Адамо, се мешавина помеѓу типовите А и Б. Исхраната за оваа крвна група ги поттикнува овие луѓе да јадат морска храна, тофу, млечни производи, грав, зеленчук и житарки, но треба да избегнуваат пченка, говедско и пилешко. Д'Адамо тврди дека луѓето со крвна група АБ имаат и пониски нивоа на стомачна киселина и затоа треба да избегнуваат кофеин и алкохол.

Крвна група 0: Исто така, позната како „ловец“, Д'Адамо вели дека луѓето со оваа крвна група треба да јадат црвено месо, риба, живина и некои овошја и зеленчук. Луѓето со оваа крвна група треба да избегнуваат житарки, мешунки и млечни производи.

1
Фото: Freepik

Дали исхраната според крвната група функционира?

До денес има многу малку докази дека следењето на строгите препораки за исхрана врз основа на крвната група ќе ги подобри здравствените резултати.

Исхраната за крвна група постојано беше побивана од нови и подобрени истражувања. Луѓето што тврдат дека почнуваат да се чувствуваат подобро со оваа исхрана обично го прават тоа затоа што почнуваат да готват повеќе дома и да јадат помалку преработена храна, што може да го подобри здравјето на сите.

Најсеопфатната студија беше спроведена во 2013 година од страна на „Американ журнал оф клиникал нутришн“ и не најде докази за поддршка на наводните здравствени придобивки од исхраната базирана на крвната група. Сепак, повеќето од плановите за исхрана наведени во книгата на Д'Адам можеби се поздрави од сегашните навики во исхраната бидејќи се фокусираат на природна, целосна и непреработена храна.

Дали крвната група воопшто е важна за здравјето?


- Крвната група не е нешто што нутриционистите го земаат предвид кога даваат медицинска терапија за исхрана - вели Риос.

- Како диететичари, ние се фокусираме на пациентот како индивидуа. Важни работи што треба да се земат предвид се: здравствена историја, хронични болести, моментален начин на живот, алергии на храна, нетолеранција на храна, чувствителност, стрес и варење, додава таа.

Дали треба да ја пробате исхраната базирана на крвната група и дали е безбедна?


Следењето на исхраната базирана на крвната група може да биде крајно ограничувачко, вели Риос, а ако регистриран професионалец не ви дава насоки, тоа може да доведе до други здравствени проблеми. Има многу работи што треба да ги земете предвид пред да исфрлите одредени групи на храна од вашата исхрана.

Ако имате или сте изложени на ризик од висок крвен притисок или срцеви заболувања, на пример, исхраната богата со црвено месо (како што е предложено за оние со крвна група О) може да доведе до проблеми. На дијабетичарите, пак, често им се советува да избегнуваат да јадат сирење, млечни производи и друга храна во големи количини. Други здравствени состојби, како недостиг на железо, може да се влошат со внимателно консумирање или избегнување на одредени категории храна.

Заклучок?

Иако пробувањето на планот за исхрана наведен за вашата крвна група не треба да има драстични негативни последици (барем не за оние без основни здравствени проблеми), има многу малку докази дека тоа ќе го подобри вашето здравје на некој значителен начин.

Повеќето нутриционисти предлагаат балансирана исхрана, вклучувајќи мешавина од посни протеини и зеленчук богат со витамини, заедно со цели зрна, јаткасти плодови и семки.

Значи, која е најздравата исхрана?

Ако барате план за оброци или исхрана што треба да ја следите за да го подобрите целокупното здравје, медитеранската исхрана пет години по ред е рангирана како најздрава диета од „Ју-ес њуз енд ворлд рипорт“. Заснован главно на типично медитеранско готвење, овој план за јадење вклучува многу посна риба, овошје, зеленчук, цели зрна, грав и семки. Исто така, поттикнува ограничен внес на шеќер и сол и ги фаворизира здравите масти како што е маслиновото масло.

Извор: Cnet.com
Фото: Freepik