Го создаде Хари Потер, а потоа ги подели обожавателите: Се снима документарец за Џ. К. Роулинг

Го создаде Хари Потер, а потоа ги подели обожавателите: Се снима документарец за Џ. К. Роулинг

Би-би-си снима документарен филм во два дела за кариерата и наследството на Џ. К. Роулинг, авторката на серијалот за Хари Потер, која последниве години предизвикува силни поделби во јавноста.

Документарната серија ќе истражува како нејзините непоколебливи лични убедувања поттикнаа дебата што предизвикува поделби и трае сè до денес.

Контроверзната писателка, која поради ставовите за родот и трансродовата заедница оддалечи голем дел од своите обожаватели, но и од глумците од филмските адаптации на нејзините книги, не учествува во создавањето на документарецот.

Од детството до милијардерската империја на Хари Потер


Првиот дел од документарецот ќе се занимава со детството на авторката одбележано со љубовта кон книгите и со настанокот на серијалот за Хари Потер.

- Додека книгите инспирираа генерација луѓе кои се чувствуваа како аутсајдери и поврзуваа милиони млади обожаватели преку интернетот кој тогаш беше во развој, Роулинг создаде свет чие економско наследство се мери во милијарди - се наведува во соопштението.

Втората епизода ќе ја истражува нејзината кариера по Хари Потер.

Во време на подем на социјалните мрежи и сè поинтензивни културни војни, нејзините истапувања за шкотската независност, феминизмот, слободата на говорот и родовиот идентитет ја доведоа во центарот на сè пожестоки интернет-судири.

Најавата за документарецот, чија премиера се очекува следната година, по почетокот на прикажувањето на новата адаптација на Хари Потер од Eјч-би-о во декември, доаѓа откако Би-би-си беше обвинет за цензурирање на правата на трансродовите лица.

Обвинувањата следуваа откако Би-би-си ја замати пораката за поддршка на трансродовите лица „Protect The Dolls“ на маицата што ја носеше глумицата Бетани Антонија, позната по серијата „Куќата на змејот“, за време на епизода од емисија.

Новата серија на Ејч-би-о за Хари Потер, исто така, предизвика многубројни расправи и контроверзии. Многу обожаватели јавно ја критикуваа Роулинг, која е извршен продуцент на серијата, и повикуваа на бојкот поради нејзината наводна трансфобија.

Во август на мета на критики се најде глумецот Николас Хоулт поради приклучувањето кон актерската екипа на серијата. Хоулт на крајот се откажа од улогата, а го замени Кит Харингтон, кој исто така се соочи со негативни реакции бидејќи дел од публиката смета дека сите актери што прифаќаат да глумат во серијата индиректно го поддржуваат ликот и делото на авторката.

Џон Литгоу, кој во серијата ќе го глуми Албус Дамблдор, неодамна изјави дека размислувал да се откаже од проектот поради критиките што ги добил поради ставовите на Џ. К. Роулинг кон трансродовите лица.

Сепак, тој откри дека одлучил да остане во проектот, опишувајќи ги книгите за Хари Потер како дела што се несомнено на страната на доброто, против нетрпеливоста и тесноградоста.

Извор: n1info.hr
Фото: Screenshot/YouTube