Мали нуклеарни реактори ќе пловат на вода: Зошто ова е подобро решение

Мали нуклеарни реактори ќе пловат на вода: Зошто ова е подобро решение

Во текот на изминатите неколку години милијарди долари влегоа во стартапите што развиваат нуклеарна енергија. Особено во компаниите кои сакаат да произведуваат мали модуларни реактори (СМР), ветувајќи енергија без емисија на јаглерод по пониска цена од огромните, конвенционални нуклеарни централи и со помалку безбедносни ризици.

Компанијата „Блукор енерџи“, исто така, работи во тој сегмент, но со дополнителна идеја. Своите СМР реактори ги поставува на платформи во вода и електричната енергија ја испраќа назад на копното за да ги снабдува градовите, пристаништата и другите индустриски постројки. Со оглед на тоа што нејзините реактори ќе пловат, компанијата би можела да оствари дополнителни заштеди бидејќи не мора да купува големи површини земјиште за нивна изградба. Тоа значи и дека можат да бидат поставени побрзо.

Стартапот од Лонг Бич во Калифорнија, чие седиште е во рамките на огромното градско контејнерско пристаниште, собра 50 милиони долари за помош во изградбата на систем со моќност од 10 мегавати. Ако сè оди по планот, пред крајот на оваа деценија системот би требало да почне да снабдува со електрична енергија дигалки и други пристанишни операции.

- Морнарицата го сфати ова уште пред воопшто да имаме компјутери. Дека тоа е одлично за погон на подморници и бродови - изјави основачот и извршен директор на компанијата, Кофи Асанте. Затоа им се обратил на нуклеарните инженери за да провери дали концептот на СМР поставен на море има смисла. Кога дознал дека има, ангажирал експерти, меѓу кои имало и неколку поранешни воени инженери, за да ја претворат таа идеја во реалност. Почетното производство на реакторите ќе се одвива во седиштето на компанијата во Лонг Бич.

Струја за 15.000 домаќинства

-Правиме реактор со лесна вода, што не е нешто што ние први сме го направиле. Само го направивме помал и го поставивме на платформа. Платформата претставува дополнителен простор за изградба, а две третини од светот речиси и не се искористени. Тоа е водата - рече тој.

Уште една предност на поставувањето на системот на море е тоа што може да ја користи таа вода како резервен извор за дополнително ладење доколку е потребно.

-Околу вас има бесконечна количина вода за ладење - вели Асанте. Тој претходно работеше на електрични чамци и летала во компаниите Арк и Елрој ер.

Кога ќе биде активиран, системот би можел да биде поставен неколку километри од брегот. Електричната енергија до копното би се пренесувала со подморски кабел. Поради својата големина, СМР реакторите претставуваат помала опасност во случај на несреќа.

Ако платформата се преврти во немирно море, реакторот е проектиран така што автоматски ќе се исклучи. 

- Најбезбедното место за него е во водата. Реакторите произведуваат количество електрична енергија доволно за 15.000 домаќинства. Горивото се додава еднаш на неколку години, а притоа нема емисии. Нашата мисија е да го демократизираме пристапот до чиста енергија - рече тој.

Извор: forbes
Фото: magnific