Ова се тајните на најголемиот мајмун што некогаш постоел

Ова се тајните на најголемиот мајмун што некогаш постоел

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Бил огромен, најголемиот примат што некогаш постоел. „Gigantopithecus blacki“, поточно мажјаците изумреле одамна, а можеле да пораснат до висина од 3 метри и да тежат дури 600 килограми. Женките биле помали, растеле до 2 метра во висина и тежеле околу 300 килограми. Живееле во Југоисточна Азија до пред 100.000 години, што значи дека долго време биле современици на хомоеректус, а неколку десетици илјади години дури и на хомосапиенсот, односно модерниот човек. Овој вид праисториски мајмун луѓето го откриле во 1935 година. Многу работи биле непознати до пронајдокот на фосилизираните заби и долната вилица во Индонезија.

Бидејќи станува збор за тропски подрачја во кои органската материја брзо се распаѓа, наодите за неговите фосили биле ретки, а да се издвои материјал за протеинска анализа било тешко да се замисли. Сè досега. Голема меѓународна група од научници објави статија со своето откритие дека нашла трага на роднините на „Gigantopithecus blacki“, односно го пронашле неговото место во семејното дрво. Научниците наведуваат дека остатоците веројатно ѝ припаѓале на женка која живеела пред 1,9 милиони години, и дека станува збор на вид што денес е најблизок род на орангутаните. Поточно, орангутаните и овие џиновски мајмуни еволутивно се раздвоиле пред 10 или 12 милиони години и меѓусебно биле поврзани онолку колку што шимпанзата и горилите биле поврзани со нас, луѓето.

1
Фото: Youtube


Откритието е спектакуларно и поради важноста за разбирање на еволуцијата и разгранување на големите мајмуни, што е приказна што директно ги засега луѓето, како и за успехот за издвојување протеини од фосили од тропското опкружување и потоа нивна успешна анализа.

Формата на коските на овој мајмун укажува на тоа дека черепот бил со таков облик што логично е да ја држел главата исправена како човек. Распонот на раката му бил огромен, дури 3,6 метри и се сметало дека се храни со овошје. Тука се доаѓа до претпоставка зошто изумрел толку доминантен вид.

Во тоа време доаѓа до голема преобразба на густите дождовни шуми во савани поради климатските промени. Не биле тоа климатски промени што катаклизмички го промениле светот во неколку години, како што се случува денес. Траеле илјадници години, а бидејќи овој вид не успеал да се приспособи на новите услови, изумрел. Постои и теорија дека мајмунот ја изгубил битката за ресурси против хомоеректусот, човек кој пред милион или два милиони години веќе го користел камениот алат за подоцна постепено да е еволуира во денешниот човек.