Телефонска говорница во Јапонија им овозможува на луѓето да им се „јават“ на своите најблиски што се починати
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во 2010 година Итару Сасаки го загубил својот сакан братучед, кој бил болен од рак. По професија пејзажен дизајнер, Сасаки го вклучил своето знаење во создавање место што не само што му оддавало почит на неговиот роднина, туку и му помогнало да се справи со болката од загубата. Резултатот е познат како „Винд телефон“ - јавен телефон кој не е поврзан на мрежа и кој им овозможува на луѓето да им се „јават“ на своите најблиски што се починати.
- Бидејќи моите мисли не можеа да се пренесат преку обична телефонска линија, сакав тие да бидат пренесени од ветрот - вели тој. Сместен во пространа и убава градина, на рид со поглед кон градот Оцучи, Сасаки сметал дека околниот пејзаж ќе му помогне да практикува свесност и да се соочи со своите чувства.
Една година подоцна, Јапонија ја погоди трагедија кога во земјотрес и цунами загинаа повеќе од 16.000 лица во регионот каде што Сасаки го направил овој телефон. Со надеж дека ќе им помогне на луѓето кои загубиле блиска личност во земјотресот да најдат некаква смисла, телефонот бил отворен за јавноста. Оттогаш, повеќе од 35.000 луѓе го посетиле, создавајќи момент за размислување и утеха.
Со оглед на локацијата, телефонот бил оштетен од природните услови, вклучувајќи корозија и откорнат покрив поради силни ветрови. Токму затоа, неколку столари се здружиле и помогнале во обновата на конструкцијата, а луѓе од целиот свет донирале средства за негова поправка.
- Животот минува толку брзо и за повеќето од нас е незамисливо дека врските со оние околу нас би можеле да завршат. Затоа, треба да ја негуваме имагинацијата, почнувајќи уште од детството. Телефонот не би функционирал добро без добра имагинација. Наместо да го вреднуваме само она што можеме да го видиме, слушнеме и допреме, треба да ја препознаеме и вредноста на работите што немаат облик, форма или глас - вели тој.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото: Wikimedia Commons