Што се случува во телото ако по оброкот пешачите само две минути?

Што се случува во телото ако по оброкот пешачите само две минути?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Лесната прошетка по јадење, во времетраење од две минути, може да помогне за намалување на нивото на шеќер во крвта и со тоа да го намали ризикот од развој на дијабетес тип 2, покажа истражување спроведено на Универзитетот во Лимерик во Ирска.

Исто така, истражувањето покажа дека најдобро време за прошетка е во рок од 60 до 90 минути по јадење. Во овој период нивото на шеќер во крвта е на својот врв. Покрај тоа, ова истражување покажа дека прошетката по оброк дава дополнителни придобивки, особено ако е подолга.

Што се однесува до кратки прошетки со лесен интензитет, тие се исто така корисни за луѓе кои веќе имаат дијабетес или висок крвен притисок. Одењето може позитивно да влијае врз нивото на гликоза.

Имено, по јадење гликозата се ослободува во крвотокот, што резултира со мало зголемување на нивото на шеќер во крвта. Иако малите скокови не се абнормални, одржувањето на нивото на шеќерот е од клучно значење во управувањето со дијабетесот, а со активно ангажирање на мускулите при одење тие го апсорбираат вишокот гликоза од крвотокот.

Подобриот проток на крв е од клучно значење за нашите мускули, екстремитети и органи, што резултира со поздрав циркулаторен систем.

Прошетката по вечерата ослободува и серотонин, кој ви помага подобро да спиете, го регулира апетитот, поттикнува позитивно размислување и ја подобрува меморијата.

Дополнителни придобивки од пешачењето по јадење

Пешачењето по јадење има многу придобивки. Без разлика дали имате висок крвен притисок, дијабетес или сте здрави, уживањето во кратка прошетка по оброкот ќе го подобри вашето целокупно здравје.

Некои од придобивките од одење по јадење се: регулирање на работата на цревата, оптимизација на лимфниот систем, подобрување на циркулацијата, ослободување на „хормонот на среќата“.

Како пешачењето да го направите рутина?

Важно е пешачењето да ви биде удобно и да стане ваша омилена активност, па дури и забава.

За да го направите вашето искуство попријатно, можете да слушате музика или аудиокнига, да размислувате за вашиот ден додека пешачите или да правите план за работите што ви претстојат, како и да ја искористите прошетката за дружење. Ако излегувањето на прошетка во одреден момент не е опција, на пример, поради лошо време, заменете го со друга активност. Но, секогаш кога е можно излезете на свеж воздух и прошетајте.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik