Ноќните вештерки: Фотографии од бестрашните жени пилоти од Советскиот Сојуз во Втората светска војна
Излегувајќи од сенките на Втората светска војна, едно неверојатно поглавје од историјата на воздухопловството доаѓа во фокус преку колоризирани фотографии кои ја доловуваат храброста на првата женска борбена авијациска единица на Советскиот Сојуз.
Фотографиите, првично направени во црно-бело, внимателно ги „оживеала“ Олга Ширнина од Москва.

фотоизвор: Rare historical photos
Тие ги прикажуваат членовите на 588. Ноќен бомбардерски полк, подоцна преименуван во „Таман“ - 46. Ноќен бомбардерски авијациски полк на Гардата, додека тренирале, планирале и летале со борбени летови за Советските воздухопловни сили.
Полкот е формиран во 1941 година на иницијатива на мајор Марина Раскова, позната авијатичарка која го искористила своето влијание за да обезбеди одобрување за борбени единици само за жени.
588. полк бил составен главно од волонтери во доцните тинејџерски години и раните дваесетти години, а бил командуван од мајорот Евдокија Бершанскаја. Она што започнало како експеримент набрзо ја докажало својата вредност. Работејќи исклучиво ноќе, пилотите развиле препознатлив и многу ефикасен метод на напад. Како што се приближувале кон своите цели, го намалувале интензитетот на моторите, а понекогаш и целосно ги исклучувале, дозволувајќи му на авионот тивко да се движи кон точките на испуштање бомби.

фотоизвор: Rare historical photos
Оваа морничава тактика ѝ го донела на единицата прекарот „Ноќни вештерки“.
Во текот на војната пилотите реализирале повеќе од 23.000 летови, испорачувајќи над 3.000 тони бомби и десетици илјади запалива муниција. Многу членови на екипажот завршиле стотици мисии, а некои надминале 800 лета.
23 пилоти ја добиле титулата „Херој на Советскиот Сојуз“, додека 32 члена на полкот ги загубиле своите животи во борба.
Ноќните вештерки летале со „поликарпов У-2“, скромни авиони од челик и платно, првично дизајнирани кон крајот на 20-тите години за обука и земјоделски работи. Ограничени на мало полнење со бомби, авионите барале од екипажите да реализираат повеќе мисии секоја ноќ за да ги постигнат своите цели.

фотоизвор: Rare historical photos
Исто така, авионите имале максимална брзина што била помала од брзината на „месершмит Бф 109“ и на „фоке-вулф фв 190“, што им отежнувало на германските пилоти да ги соборат.

фотоизвор: Rare historical photos
- Мислам дека за време на војната, кога се одлучуваше за судбината на нашата земја, вклучувањето на жените во авијацијата беше оправдано. Но, во мирно време жената може да лета само за спорт… инаку како може да се комбинира кариерата со семејството и со мајчинската среќа? – истакнала тогаш Ирина Ракоболскаја, пилот во 588. полк.
Извор: rarehistoricalphotos.com
Фото: Rare Historical photos screenshots