Овие морски организми немаат мозок, но спијат како луѓето

Овие морски организми немаат мозок, но спијат како луѓето

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Дури и животните без мозок се одмараат слично како луѓето, открива нова студија. Медузите и морските полипи (книдари, едноставни морски животни поврзани со медузите) покажуваат однесување слично на спиење кое може да служи на основната биолошка функција. Научниците сугерираат дека спиењето еволуирало барем делумно за да ја заштити ДНК на невроните, поправајќи ги оштетувањата на клетките што се акумулираат за време на будност.

- Невроните се многу драгоцени. Тие не се делат, па затоа треба да се зачуваат - вели Лиор Апелбаум, молекуларен невронаучник на Универзитетот „Бар-Илан“, Израел.

Иако е познато дека медузите спијат, новото истражување е првиот детален опис на спиењето на морските полипи и првата сеопфатна споредба на овие едноставни морски животни.

-Секојпат кога некој ќе додаде нов вид на списокот со животни што спијат, тоа е огромен чекор напред за полето на еволуцијата на спиењето - изјавила Кјара Чирели од Универзитетот „Висконсин-Медисон“ во САД.

Спиењето како заштита на клетките

Спиењето е инхерентно ризично бидејќи ги изложува животните на предатори и опасности од животната средина и го намалува времето за хранење, парење и грижа за потомството. Научниците се согласуваат дека неговата перзистенција кај животните со нервен систем, всушност, укажува на витална еволутивна функција.

Докази дека спиењето можеби еволуирало пред да се појават сложени мозоци има во истражување објавено во списанието „Актуелна биологија“ во 2017 година, кога Рави Нат од „Стенфорд“ и неговите колеги откриле состојба слична на спиење кај медузите. 

- Постојат добри докази дека спиењето еволуирало со невроните. Веројатно постои основна функција, но секој вид го приспособил спиењето на своите потреби - вели Нат.


Тимот на Апелбаум ја проучувал медузата „Cassiopea andromeda“ (позната по тоа што се одмара на морското дно свртена надолу), во лабораторија и во Флорида, и открил дека спие осум часа на ден, претежно ноќе, со краток дневен одмор. Од друга страна, морскиот вид (Nematostella vectensis) спиел околу една третина од денот, претежно взори. Експериментите покажале дека оштетувањето на ДНК се зголемува за време на будноста и се намалува за време на спиење. Животните изложени на ултравиолетово зрачење реагирале со повеќе спиење.

Студијата има ограничувања


Чирели истакнува ограничување на студијата, а тоа е недостигот на контролна група животни кои останале будни откако било предизвикано оштетувањето на ДНК. Нејзиното истражување покажува дека спиењето ја забрзува поправката на ДНК, но постојат и други фактори што го активираат спиењето, како што е намалувањето на врските меѓу невроните, за да се зачува енергијата и да се консолидираат сеќавањата.

Разбирањето на еволуцијата на спиењето би можело да фрли светлина врз врската меѓу невродегенеративните болести и феноменот на локализиран сон кај луѓето. Кај луѓето, спиењето ги поддржува учењето и меморијата, но може да послужи и за одржување одредени неврони, вели Апелбаум. Неговиот тим планира да го прошири своето истражување на морски сунѓери и видови риби за понатамошно анализирање на овие процеси.

Извор: zimo.dnevnik.hr

Фото: Freepik