Рекорд што инспирира - Бојана Алексова објави 20 научни труда за две години докторски студии

Рекорд што инспирира - Бојана Алексова објави 20 научни труда за две години докторски студии

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Со објавувањето на трудовите се вброив меѓу најуспешните географи во Македонија. Според ова рангирање, се истакнувам како најдобар млад научник-географ и трет највисоко рангиран географ во Македонија според научни публикации, при што оваа позиција е добиена во конкуренција со сите наставно-научни кадри во високото образование, што претставува навистина сериозно и значајно достигнување, истакнува Бојана Алексова

Бојана Алексова е млада научна истражувачка, професорка по географија која минатата година објави 10 научни труда (најголем дел во списанија со фактор на влијание), а годинава двојно го зголеми бројот, постави нов рекорд и објави уште 10 научни труда. Односно, како докторанд од втора година досега успеа да објави вкупно 20 труда. Ова е значајно достигнување во нејзината кариера, но и вистинска инспирација за сите млади истражувачи што творат за Македонија. Десет научни труда објавени за само една година не се резултат на случајност, туку на систематска, речиси секојдневна работа, постојано надминување на сопствените граници.



- Овој момент го доживувам со голема благодарност и со тивка, но цврста увереност дека патот по кој чекорам е вистинскиот. Десет нови научни труда за само една година не е резултат на случајност, туку на систематска, речиси секојдневна посветеност и постојана свесност дека секој научен труд треба да биде подобар од претходниот. Тоа бараше бескомпромисна дисциплина, но и поддршка што ја добив надвор од македонските институционални ограничувања. Денес, кога гледам 20 објавени труда во списанија со импакт фактор, како докторанд во втора година, чувствувам дека сум го оправдала секој час поминат далеку од удобноста и комфорот. Тоа е успех што ме прави горда на себе, особено поради фактот што како млад истражувач, постигнав сосема солидни научни рангирања на меѓународно признати платформи (ResearchGate, Scopus, Google Scholar), особено за македонски услови. Притоа, на споменатите платформи достигнав H-индекс (Хиршов индекс) 8, со што се вброив меѓу најуспешните географи во Македонија. Според ова рангирање, се истакнувам како најдобар млад научник-географ и трет највисоко рангиран географ во Македонија според научни публикации, при што оваа позиција е добиена во конкуренција со сите наставно-научни кадри во високото образование, што претставува навистина сериозно и значајно достигнување - ни сподели Бојана.

Со објавените трудови ја промовира државата

Пред објавувањето, сите овие трудови поминаа неколку нивоа на ригорозни рецензии од врвни научници, што само по себе е мошне значаен успех за млад истражувач.

- Во период кога се полемизира дали можат и колку треба да објавуваат научните работници на универзитетите во Македонија (особено помладите), со личен пример докажав дека ако се сака, се може, без оглед на сите пречки, мошне ограниченото време што го имав (паралелно сум работно ангажирана). Посебно задоволство ми е што со објавените трудови воедно си ја промовирам и својата држава, со оглед на тоа што најголем дел од трудовите и истражувањата во нив се однесуваат на примери и подрачја од Македонија. Воедно, на тој начин се обидувам барем малку да го пополнам евидентниот недостиг на нови публикации кои се однесуваат за нашата држава, во меѓународната географска литература - вели Бојана.



При првото работно искуство, како демонстратор на ПМФ-УКИМ, се уверила дека науката е она што ја инспирира и што сака да го работи.

- Иако во тој период не ја добив толку посакуваната и неопходна поддршка од професорите, тоа всушност само ми додаде поттик да навлезам длабоко во тајните на истражувањата, да пишувам и да работам интензивно. Тој период го посветив многу на читање литература за да осознам како се пишува труд во реномирано списание и ги градев темелите, кои до денес вродија плод со 20 досега објавени публикации (и уште неколку во фаза на објавување). Дополнително, голем поттик ми беше воспоставувањето контакти со истражувачи и научници од пошироката научна заедница, што ме насочи кон запишување на докторски студии во Нови Сад, каде што науката се третира многу посериозно и каде што можев целосно да го развијам својот потенцијал. Овие искуства дополнително ја зацврстија мојата посветеност кон истражувањето и ми овозможија да ги применам стекнатите знаења на повисоко ниво – вели Бојана.

Нејзиното најтесно тесно поле на истражување опфаќа моделирање на геонепогоди (свлечишта, одрони, прекумерна ерозија, пожари) и хидрометеоролошки непогоди (порои, поплави), климатски промени, вреднување и евалуација на геонаследството, со примарен фокус на теренски истражувања и напредни методологии со помош на ГИС, далечинска детекција, сателитски снимки, примена на програмски јазици и софтвери.

- За мене, од најголемо значење досега е публикацијата за моделирање на подложност од поројни поплави на цела територија на Македонија. Навистина е голем предизвик да се подготви и изработи труд во престижно и реномирано списание со импакт фактор, особено доколку сте прв и главен автор на трудот, што е во најголем процент мојот случај. Подготовката на труд за престижно списание бара темелно истражување, оригинални резултати и јасна презентација на методологијата и наодите, што е основа за ригорозниот процес на меѓународна рецензија - ни појаснува Бојана.



Нејзината работа не е вреднувана во Македонија

Нејзиното искуство и истражувања се базираат на интегративен географски пристап кој ги поврзува природните процеси, ранливоста на просторот и одржливото управување со ресурсите.

- Во областа на природните непогоди проучувам гео и хидрометеоролошки настани преку ГИС-анализи, геоморфолошко и хидролошко картирање, моделирање и анализа на индикатори за ранливост, со цел да се оцени влијанието на ризикот врз населението, инфраструктурата и просторот. Геонаследството го третирам како природна и развојна категорија важна за образованието, локалниот развој и стратешкото планирање. Истражувањата за климатските промени се фокусираат на долгорочни климатски серии, аномалии и трендови, нивната поврзаност со зачестеност на непогоди и просторни индикатори за климатска ранливост. Посебно внимание ѝ давам на улогата на екосистемите и природните форми во градењето климатска отпорност. Заедничката нишка на мојата работа е примената на интегрирани, научно поткрепени и просторно прецизни методи, кои обезбедуваат практични насоки за управување со ризик, подобрување на просторните политики и одржливо користење на природните ресурси - појаснува Бојана.

Во разговорот минатата година таа ни сподели дека нејзината работа често не е препознаена во Македонија. Ја прашавме дали нешто се промени оттогаш?

- Да, она што го работам сѐ уште не е препознаено и на каков било начин вреднувано во Македонија. Оттогаш наваму не би можела да кажам дека нешто значително се променило. Иако континуирано објавувам научни трудови и активно учествувам во истражувачки и едукативни процеси, чувството на институционална непрепознатливост останува присутно. Она што особено недостига е системска и конзистентна поддршка за младите научници. До пред две години постоеше конкурс за најдобар млад научник, организиран од претседателот на државата – иницијатива која беше силен стимул и признание за нас што се обидуваме да градиме научна кариера во Македонија. За жал, од минатата година таа традиција престана, без јасно образложение. Со тоа се изгуби една важна алка во охрабрувањето и задржувањето на младите истражувачи. Дополнително, сметам дека недостигаат јасни и транспарентни критериуми за избор и вклучување на младите научници во институциите. Верувам дека доколку се воспостават стабилни механизми на поддршка, јасни критериуми и искрен интерес за развој на научната мисла ќе создадеме средина во која младите истражувачи ќе можат да дадат многу повеќе, и за државата и за науката воопшто - подвлекува Бојана.



Доколку не ја добие поддршката дома, ќе замине во странство

По завршувањето на магистерските студии на УКИМ во Македонија во 2024 година, огромна поддршка добила од Универзитетот во Нови Сад, кој се наоѓа на листата со 1.000 најдобри универзитети во светот.

- Професорите од Одделот за географија, туризам и хотелиерство при ПМФ го препознаа мојот капацитет и ме предложија да го продолжам образованието таму. Со задоволство прифатив, иако критериумите за упис се строги. Кога се рангирав прва на конкурсот на ниво на универзитет за геонауки, почувствував вистинска гордост, особено поради силната конкуренција од регионот. Оваа година сум второгодишен студент на докторски студии по геонауки и согласно мојата желба и пасија кон потесното подрачје на истражување, се насочувам кон геонепогоди и хидрометеоролошки непогоди. Целите на мојата докторска дисертација се да развијам проверени методологии со напредни софтверски техники за прикажување на ранливоста и подложноста на територијата на одредени подрачја во Македонија кон геонепогоди, како и да оценам влијанија од екстремни метеоролошки настани и климатски промени, со цел да се предложат стратешки и практични мерки за ублажување на ризиците, применливи на локално и национално ниво - ни сподели Алексова.

Бојана е ангажирана во национален труд за аридност во Македонија, на кој интензивно се вложува повеќе од една година.

- Овој проект е мошне значаен за мене, особено во услови кога во Македонија моментално немаме климатолог по вокација. Паралелно, се фокусирам на мултихазарден пристап, користејќи напредни технологии и програмски јазици за идентификација на повеќе непогоди во неколку речни сливови во Македонија. Дополнително, во завршна фаза е трудот за веројатност за појава на пожари во Југоисточна Европа, изработен во соработка со колеги од странство. Во исто време, во процес на рецензија е трудот за интегрирана процена на поплави, во соработка со колеги од Блискиот Исток. Согласно мојата силна амбициозност, на професионално-научен план, искрено се надевам дека ќе можам да бидам препознаена и вреднувана во некоја институција во Македонија. За жал, токму поради недостигот на доволна внатрешна поддршка, почесто сум повикувана да соработувам во странство. Верувам дека со воспоставување стабилни механизми на поддршка и јасни критериуми ќе се создаде средина во која младите истражувачи ќе можат да дадат многу повеќе, и за државата и за науката воопшто. Доколку тоа не се случи, веројатно ќе бидам принудена да продолжам во странство, каде што веќе сум препознаена и ценета - истакнува младата истражувачка.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.