Видео: Пијанистка се подготвила за погрешен концерт и го сфатила тоа на сцената, кога оркестарот почнал да свири

Видео: Пијанистка се подготвила за погрешен концерт и го сфатила тоа на сцената, кога оркестарот почнал да свири

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Замислете да седнете на пијано пред полна сала со 2.000 љубители на музиката подготвени да го чујат Моцартовиот концерт за пијано бр. 20 во Де-мол, придружени со оркестар и диригент подготвени да го отсвират. Тоа би било доволно тешко само по себе, но сега замислете дека сте се подготвиле да го свирите Концертот за пијано бр. 23 во А-дур - сосема друго музичко дело. 

Ова е сценарио од кошмарите, но токму во таква ситуација се нашла пијанистката Марија Жоао Пирес во 2013 година, откако била повикана да замени друг музичар на отворена проба, одржана во „Концертгебау“ во Амстердам. Овој настан неодамна стана вирален, а во видеото можете да видите како се одвивал.

Како што вели Пирес во интервјуто за „Класик ФМ“, поминале можеби 11 месеци откако последен пат го свирела делото кое слушнала дека оркестарот почнува да го свири.

- Тоа е моментот кога почнувате да го губите сеќавањето на деталите. Така функционира сеќавањето. И кога луѓето ја гледаат оваа паника, можеби не знаат дека реалноста е дека ги губиме нашите сеќавања по само неколку месеци - истакнала таа.

Се чини дека охрабрувањето од диригентот Рикардо Шајли навистина ѝ помогнало на пијанистката.

- Толку добро го знаеш тоа дело - инсистирал тој.


 

Според каталогот „Кехел“, кој ги организира сите дела на Моцарт, Концертот за пијано бр. 20 во Де-мол е број 466, додека Концертот за пијано бр. 23 во А-дур е 488. Без разлика дали Пирес погрешно го слушнала К-бројот или повикувачот погрешно зборувал, таа се соочила со музички предизвик за кој била целосно неподготвена.

Нејзиното успешно решавање на предизвикот нè потсетува дека професионализмот не е само осигурување дека работите ќе течат како што треба, туку способност да се справите со работите кога ќе тргнат наопаку.

Извор: openculture.com

Фото: Freepik